Избран победникот на натпреварот за борба против климатските промени

Ре-Бот, паметна машина за рециклирање на тврд отпад го освои првото место на натпреварот за борба против климатските промени и поттикнување на урбаната отпорност.

Тимот кој ја смислил Ре-Бот е составен од Тамара Димитрова, Борко Јовановски и Стојан Димитровски. Идејата вклучува и игра во која натпреварувачите добиваат поени и награди при активно рециклирање на отпад како пластика и лименки. Тимот на Ре-Бот како награда доби 10000 американски долари.

Втората награда ја освои идејата за употреба на зеолити во борбата со емисиите на штетни гасови, а трет е концептот за еко билборди за прочистување на воздухот.

На натпреварот пристигнале повеќе од 60 идеи, од кои девет најдобри се најдоа во потесниот избор и учествуваа во климатскиот камп. Во текот на изминатиот викенд, со тимовите работеле ментори од областа на науката, маркетингот и бизнисот, кои им понудија поддршка во развојот на нивните идеи.

Освен трите наградени идеи, меѓу деветте најдобри се најдоа и идеите за герила постојки за велосипеди, мотори и автомобили што работат на компресиран воздух, паметен енегетски чадор, It’s Air O’clock, Мое дрво и детектор за богатство за редуцирање на цврст отпад.

Специјален гостин на кампот беше и Матеј Павлески, 13-годишно момче кое работи на неговата идеја за дронови за општо добро.

Наградите се обезбедени од УНДП и УСАИД во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и ФИНКИ. Конкурсот беше отворен во април, а има за цел да ги искористи талентите на граѓаните како поддршка во остварување на Глобалните цели за одржлив развој, поврзани со климатските промени.