Итен состанок на Советот за безбедност на ОН, Путин го осуди нападот врз Сирија

Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе одржи итна седница на барање на Русија.

Тема на состанокот е „заканата по меѓународниот мир поради евентуалните воздушни напади на САД и сојузниците врз Сирија“.

Русија, со поддршка од Кина и Боливија побара од генералниот секретар на ОН, Антониот Гутререш да го брифира Советот за новонастанатата ситуација во Сирија.

Состанокот, што е закажан за 16 часот по средноевропско врема, ќе биде отворен за јавност.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин рече дека „САД и нивните сојузници погодија цивилни и воени капацитети во Сирија, кршејќи ја Повелбата на ООН и меѓународното право“. Тој ги нарече воздушните напади „акт на агресија“.

„Русија на најсериозен начин го осудува нападот врз Сирија, каде што руските војници ѝ помагаат на легитимната влада во борбата со тероризмот“, пренесуваат руските новински агенции.

Нападот предводен од САД ќе ја „влоши хуманитарната катастрофа во Сирија“, рече Путин додавајќи дека нападот ќе „доведе до страдање на мирното население, всушност, ќе ги поттикне терористите што го мачеа сирискиот народ седум години и предизвикаа нов бран бегалци“ од земјата.

Нападот „ќе има деструктивен ефект врз целиот систем на меѓународни односи“, рече рускиот претседател.

Русија предупреди дека ќе има „последици“ за воздушните напади на САД врз Сирија.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја поддржа воената акција на САД, Велика Бротанија и Франција против сирискиот режим, оценувајќи дека таа ќе ја намали способноста за понатамошни напади со хемиско оружје врз сирискиот народ.

Британската премиерка Тереза Меј, пак, изјави дека Владата на Велика Британија се обидела да пристапи кон Сирија преку дипломатски канали, но без успех.

„Ова не беше за промена на режимот“, рече Мај. „Ова беше ограничен, насочен ефективен напад со јасни граници“.

„Акцијата преземена минатата ноќ беше фокусирана на деградирање и одвраќање на оперативната способност и волјата на сирискиот режим за употреба на хемиско оружје“, рече Меј, додавајќи:

„Верувам дека ова ќе испрати јасен сигнал до некого друг дека меѓународната заедница нема да стои на страна и да гледа како неказнето се користи хемиско оружје“.

Кабенитетот на сирискиот претседател Башар ал Асад реши наместо официјална реакција, на својот официјален Твитер профил да сподели видео како по ноќта на нападите, тој денеска доаѓа на работа.

„Утро на постојаност и цврстина“, гласи видеото на Твитер.