Истражување: Финска најмногу им верува на своите медиуми, довербата во новинарите опаѓа на глобално ниво

Довербата во печатот и масовните медиуми генерално опаѓа, покажува ново истражување на Институтот Ројтерс.

Како што покажува Истражувањето за дигитални вести на Институтот Ројтерс за 2016 година, луѓето им веруваат на познатите медиуми, но помалку во однос на претходните години.

„Новинарите имаат особено лоша репутација во многу држави, како Велика Британија, каде има силен и застапен таблоиден печат. Иако нивоата на доверба во насловите се доста ниски, широк ранг на истражувања, меѓу кои и нашето во 2015 година, покажува дека довербата е многу поголема во изворите кои луѓето всушност ги користат“.Делумно за ова се должни неавтентичните и лажни медиуми кои се почесто споделуваат вести на Фејсбук и социјалните медиуми кои лесно ги разгоруваат веќе постоечките стереотипи.

Според истражувањето, Финска најмногу им верува на своите медиуми, со дури 65 проценти од испитаниците кои одговориле дека „може да им се верува на вестите најголем дел од времето“.

Голема доверба во медиумите имаат и Бразил, со 58 проценти и Канада со 55 проценти.

Меѓу првите десет држави се и Холандија, Германија, Велика Британија, Шпанија, Австралија, Јапонија, САД, Јужна Кореја и Грција.

Сепак, истражувањето не е глобално, туку спроведено во 23 држави, меѓу кои од Балканот е присутна само Грција.

Слично истражување за тоа колку жителите им веруваат на новинарите, е спроведено во Велика Британија. Според него, возрасните во Обединетото Кралство повеќе им веруваат на синдикалните лидери, политичарите, агентите за недвижнини, отколку на новинарите.

Ед Вилијамс, извршен директор на Еделман за Велика Британија и Ирска, и еден од истражувачите, во истражувањето пишува:

„Едноставно е зло за сите нас ако луѓето не веруваат во она што го слушаат или гледат. Било кое испитување на политичката реторика покажува како фактите се сведени на иста вредност како и мислењата. Рамнотежата во аргументуите е се потешко и потешко да се достигне, а јавниот дискурс станува поплиток и попартизански, без разлика дали е во законските тела или на Твитер.

Затоа, во тој контекст, дефинитивно е важно што растечка голема група на луѓе се цинични за тоа што го читаат, а тоа е особено значајно кога станува збор за критични јавни проблеми, како британскиот референдум. Уште поедноставно, станува збор и за комерцијално преживување на медиумите“, вели.

Додава и дека веројатно многу луѓе не ги посетуваат медиумите за да добијат проверени информации, туку поради забава.

„Откритијата покажуваат дека луѓето е поверојатно да сметаат некој медиум за веродостоен од лојалност, а не според тоа колку се неговите вести информативни и автентични“, заклучува.