Искрената љубов меѓу човек и штрк во Хрватска

Еден човек и еден штрк во Хрватска веќе 23 години живеат во пријателство и љубов. Оваа приказна, која наликува на локална басна или легенда, сепак е вистинита. Пензионираниот домар од локалното училиште во хрватското место Бродски Варош, Стјепан Вокиќ и неговата женка-штрк, Малена, се дел од живата легенда за искрената, вистинска љубов меѓу човекот и животното.

Вокиќ ја нашол птицата ранета на улица во 1993 година, откако на неа пукал некој ловџија од Италија. Таа го добила името Малена и до денес му останала верна на нејзиниот спасител.

Оттогаш, сите овие години, наесен, кога милиони штркови од нивните летни живеалишта во Европа се селат во Јужна Африка, Малена, која не може да лета, се спушта од своето гнездо, во домот на Стјепан. Таа цела зима го чека нејзиниот драг мажјак, Клепетан, со кого е во љубов веќе 14 години.

mal-2

Мажјакот секоја есен тргнува на долгиот пат, се до Кејптаун во Јужноафриканската Република, но секоја пролет и се враќа на Малена. Во овие 14 години, тој еднаш поранил за една недела и еднаш задоцнил за два дена. Сите останати години, тој се враќал на ист ден: 24 март.

Секако, Малена го чекала во гнездото. Штрковите живеат во пар до крајот на животот, а обично мажјаците се враќаат некоја недела порано, за да го подготват гнездото. Дури потоа се враќаат женките. Но, благодарение на господинот Вокиќ, Клепетан е единствениот мажјак кој се враќа во веќе подготвено гнездо, во кое го чека Малена.

Со некои тајни сигнали, Малена секогаш успева една недела порано да го насети доаѓањето на нејзиниот мажјак. Во оваа недела таа ништо не јаде, само стои на работ на гнездото, пие малку вода и чека, гледајќи во небото. И Стјепан секоја пролет одново, заедно со Малена исчекува и стравува околу враќањето на Клепетан, затоа што знае дека неговото патување, долго 14 000 километри, е полно со опасности.

mal-3

Кога мажјакот ќе се врати, љубовта меѓу Стјепан и Малена е во втор план, а целото нејзино внимание е насочена кон Клепетан. Обично се раѓаат пет птички, а другите често го исфрлаат последното родено пиле од гнездото или тоа е недоволно силно за да ги преживее првите денови во борбата за храна. Но, тука интервенира господинот Вокиќ и помага во хранењето, па така Малена и Клепетан се еден од ретките парови штркови кои на свет носат по пет мали штркчиња секоја година.

Кога ќе дојде зимата, Стјепан ја презема целосната грижа за Малена, внимава да и биде топло, да што полесно ги преброди студените денови, до враќањето на нејзината најголема љубов, Клепетан и напролет повторно да му подари на светот нови генерации мали штркови.

Од пролетта до есента, кога штрковите се заедно во своето гнездо, Вокиќ секој ден за нив и нивните млади лови риба, ги храни и се грижи за нивното гнездо.

„Горд сум што таа ме одбра мене да бидам нејзини крилја. Љубов е кога не бараш ништо во замена, туку само се грижиш за некое суштество“, вели Стјепан.

Приказната за овој несекојдневен однос меѓу човекот и животните стана многу популарна во Хрватска изминатите месеци. Додека се исчекува враќањето на штркот-мажјак на 24 март, поставена е и камера, која 24 часа дневно ја пренесува атмосферата од гнездото на Малена:

Извор: 24 сата