Иранската морална полиција се враќа на улиците да контролира дали се носи хиџаб

Иранската полиција ги обновува контроверзните патроли за да се осигура дека жените ги почитуваат правилата за облекување и ја покриваат косата на јавни места, јавија државните медиуми, а пренесе „Би-Би-Си“.

„Моралната полиција ќе се врати на улиците за да ги спроведе иранските закони за носење на хиџаб“, соопштил потпарол во неделата.

Оваа одлука доаѓа десет месеци откако младата Махша Амини почина во притвор по нејзиното апсење во Техеран за тоа дека наводно го прекршила кодексот на облекување.

Нејзината смрт предизвика масивни национални протести по што патролите на моралната полиција беа ставени на пауза. И покрај тоа, исламските тврдокорни страни веќе некое време бараат моралната полиција повторно да почне со работа.

Според иранскиот закон, кој се базира на толкувањето на Шеријатот во земјата, жените мора да ги покриваат нивните глави со хиџаб и да носат долга и широка облека за да не им се истакнува фигурата на телото.

Задачата на моралната полиција е да се осигура дека жените ги почитуваат овие правила и да ги приведува оние за кои смета дека се „несоодветно“ облечени.

„За време на патролите, службениците прво ќе ги предупредуваат жените кои не се држат до правилата, а доколку не ги послушаат нивните наредби, полицијата ќе може да дејствува и со ‘правна акција’“, кажал потпаролот на полицијата Саид Монтазеролмахди.