[Интервју] Вардан Тозија: Ако станам конформист, ќе престанам да снимам филмови

Неодамна се одржа премиерата на „Џган“, првиот долгометражен филм на режисерот Вардан Тозија. Две недели подоцна, во разговор со Радио МОФ тој зборуваше за реакцијата на публиката, неговите очекувања и македонската филмска сцена.

Поминаа две недели од премиерата на „Џган“. Како се чувствувате? Исполнети ли се вашите очекувања?

Откако поминаа две недели, можам од дистанца да видам што сè се случуваше и како генерално публиката реагираше на филмот. До неодамна се опоравувавме од целиот хаос кој траеше безмалку две години. Од тоа што стигна до мене, сметам дека реакциите беа екстремно позитивни. Со неколку исклучоци, тоа се транспонираше и на пишаните медиуми и социјалните мрежи и искрено сум задоволен од ефектот кој филмот го постигна врз гледачите. Сè уште се прикажува во кината, а посетеноста е зачудувачки добра, со оглед на претпоставките дека нашата публика ја има изгубено навиката за посетување на кино претстави. Тоа што е најинтересно е што мислевме дека филмот тематски целосно ќе биде фокусиран на помладата публика, но се случи нешто што малку и нè изненади – филмот подеднакво е посетуван и од младата и од постарата публика.

Кога сме кај критиката, сметате ли дека во Македонија филмската критика е доволно застапена во медиумите?

За жал, можам да кажам дека само неколкумина новинари навистина ја разбираат филмската критика и согледуваат каква одговорност доаѓа со пишаниот збор. Можеби и тоа е нус-појава на целиот третман што го добива културата во овие турбулентни времиња кои ги живееме веќе со децении. Се разбира, и нас како автори, не’ надградува конструктивната критика, која би придонела наредниот филм да биде подобар, да се надминат грешките на неискуството… Критиката е секогаш добредојдена ако е конструктивна, а не тенденциозна, без разлика дали е позитивна, или негативна.

На доста од актерите во „Џган“ ова им беше филмско деби. Која е причината за тоа?

Голем ризик е да се тргне во ваков проект со натуршници. Пред сè, од прагматични причини. Голем дел од тие актери се деца. Можеше да се изнајде некое решение, како во случајот на улогата која ја толкува Дениз Абдула. Меѓутоа, најголем дел од нив сакав да бидат автентични, млади луѓе кои иако не потекнуваат од тоа милје кое се прикажува во филмот, сепак припаѓаат на улицата. Тие се исклучително паметни и интелигентни, но и жестоки момчиња. Некои од нив дури и со сила ги натеравме да дојдат на кастинг и успеавме да ги увериме во нивната вредност и талент.

Нормално, тука постоеше и голем страв. Снимањето филм бара кондиција. Тоа е една исцрпувачка работа која понекогаш трае 14-15 часа на ден. Тие деца требаше да ја одржат концентрацијата и дисциплината, но се справија со тоа без проблем. Колку и да мислев дека се бељаџии, тие одговорија на секој предизвик професионално, на ниво на професионални актери. Ме воодушеви нивната посветеност и дисциплина. Работата со нив се претвори во уживање.

Кога започна снимањето на филмот, неговото работно име беше „Безимени“. Зошто го сменивте името?

Не е најпаметен чекор еден месец пред премиерата да се смени името на филмот. Меѓутоа, искрено, уште од самиот почеток не бев комплетно среќен со тој наслов. Прво, постоеше асоцијација на едни минати времиња, на филмови со наслови како „Заборавени“, „Изгубени“, „Избришани“. Иако, тие коментари и не беа пресудни. Ако сметав дека тој наслов одговара за филмот, веројатно и ќе го оставев. Согледав недостаток на жестина во овој избор и постоење на една дескриптивност во самата суштина на тој збор – безимени. Таа дескриптивност ми пречеше.

„Џган“ дојде ударно, во финалните фази на постпродукцијата, и веднаш ми влезе во уво. Нормално, го испробав на „тест заморчиња” – моите најблиски. Видов дека кај нив тригира прво насмевка, па збунетост, па потоа момент на сфаќање, бидејќи беа запознаени со тематиката на филмот. После тие реакции бев сигурен дека сме на прав пат. Кратко е, ударно е и ја има жестината која се гледа и во филмот.

Низ последниве години, државата промовираше проекти за поддршка и развој на културата. Беа продуцирани филмови досега најскапи за македонската филмска сцена. Сепак, може да се каже дека е доста сиромашна. Кој е вашиот став за тоа?

Неспорен факт е и не смееме да негираме дека филмската дејност во последниве четири-пет години има најголем буџет и најголема поддршка од државата. Прашање е каква е генералната стратегија за филм на државата. Мислам дека сè уште го немаме најдено потребниот правец, дека сè уште иглата на компасот лута на повеќе страни.

Не може стихијно да се финансираат филмови и тие филмови да бидат од секакви тематики, и стихијно да се одобруваат и валоризираат претходните филмски дела. Мора да се седне и трезвено, со неутрална мисла, да се разгледа кои филмови имаат потенцијал и предизвикале интерес не само на домашната сцена, туку и на меѓународната. Не смееме да бидеме ксенофобични во создавањето на нашата уметност, туку треба и да ја отвориме кон светот.

Дали за ваквата состојба на нашата филмска сцена одговорност имаат и самите автори?

Иако филмската дејност има исклучително голема поддршка, мора малку и да се свртиме кон себе и да се потрудиме да го прилагодиме нашиот начин на работа со европските текови. Ако нашите сценарија се безначајни, ако сме „аут“ од сите трендови, тогаш логично е дека филмот нема да има никаков ефект и вредност. Секогаш треба да се знае каде и на кого филмот се обраќа, и зошто воопшто се прави. Ако се создава со популистички цели, тоа е меч со две острици. Македонија нема публика за да гради популизам, 2 милиони луѓе сме, ако сме и толку. Не може да се надеваме на грандиозни бокс офиси, на комерцијални филмови. Кај нас не постои нешто такво и силата треба да се фокусира на промовирање на универзални вредности во филмот, на кршење на бариерите и стереотипите за Македонија, бидејќи тие постојат на надворешната сцена.

Сега за сега ги имаме средствата и нема да коментирам како се распределуваат. Има добри потези, меѓутоа резултатите сé уште изостануваат. Се надевам дека во иднина луѓето што ги носат одлуките, бидејќи сепак располагаме со сериозен буџет и имаме одговорност кон даночните обврзници на секој граѓанин на Македонија, ќе ја согледаат одговорноста за постапките и за доделувањето на филмски проекти и ќе ја насочат филмската дејност во вистински правец.

„Џган“ разработува социјална и доста чувствителна тема. Воедно, се работи за филм од жанр доста нетипичен за нашата кинематографија. Која беше мотивацијата зад овој проект?

Мотивот дојде од тоа што со нашето растење се здобиваме со  хроничен недостаток на емпатија кон луѓето и нештата што се случуваат околу нас. Можеме да одбереме да го гледаме светот низ една оптика каде работите изгледаат како сè да е во ред. Можеме и да ја отфрлиме нашата општествена одговорност да говориме за нештата кои не чинат. Меѓутоа, јас не сум човек кој тоа лесно го прифаќа, ниту пак мислам дека некогаш ќе дојдам во таа фаза на конформизам. Ако стигнам во таа фаза, ќе престанам да се бавам со снимање филмови.

Секогаш постои конфликт и тој е двигател на филмското дело. Низ младоста сум поминал низ различни етапи, сум доаѓал во контакт со многу млади луѓе и знам како дел од нив завршија. Знам што сè се случува денес. Не мора да се оди многу надвор од централните градски подрачја, за да се види како младите ја губат перспективата и како го таложат гневот. Таа приказна произлезе од мене. Ако ги создавав и режијата и сценариото со дистанца, политичка коректност и тенденција за допадливост на пуликата, ќе се изгубеше целиот младешки крик во таа приказна. Јас сакав да направам филм за младите, да се почувствува во секој аспект таа бескомпромисност. Најголем дел од премисите за тие приказни се извлечени од реални настани. Треба да размислиме дали тие настани се чиста фикција или служат само како метафора за филмот, и дали е етички или општествено коректно да молчиме за такво нешто. Не зборувам дека филмот треба секогаш да биде социјално ангажиран, но кога веќе е, треба да се извадат ракавиците и најискрено да се направи тоа што се чувствува и гледа.

Какви други можности постојат за финансирање на филмски проекти?

Во Македонија никакви. Не постои локално финансирање на ниво на конкурси. Генерално, спонзорствата од големите фирми се непостоечки, тие немаат свест што значи да се поддржи одредено филмско дело – за разлика од било која друга земја, мислам дека нема да претерам ако кажам, дури и во светот. Покрај Агенцијата за филм, не постои никаков друг начин на финансирање. Морам да напоменам дека иако не добивме финансии, имавме голема логистичка поддршка од Општина Центар и Град Скопје и за тоа сум бескрајно благодарен. На продуцентите единствено им преостанува потрага по меѓународни копродукции.

Во последно време се забележува бран на млади режисери кои отскокнуваат од оној шаблон на кој сме навикнати во македонската кинематографија. Како еден од нив, сметате ли дека во блиска иднина можеме да очекуваме поголема и поразлична понуда на домашни филмови?

Дефинитивно. Се надевам дека времето нема да нè прегази и да ни ја пацифизира креативноста. Веќе постојат неколку млади режисери кои ја чекаат својата шанса, и според тоа што сум го видел, поседуваат исклучителен квалитет и не робуваат на оние идеолошки окови поставени во последните дваесетина години, на онаа стерилна и херметична, транзициска социјална драма која прерасна во некој урнек на нашата кинематографија.

Што понатаму? Каде ќе се прикажува „Џган“?

Филмот моментално се прикажува во кината низ Македонија. Неговиот живот надвор од земјава не зависи само од нас, треба и да го прифатат, се разбира. Тешко е една мала кинематографија да се избори за простор на големи фестивали.

Нашата цел е да се обидеме да влеземе на некој од поголемите фестивали, а не да го праќаме „Џган“ на секакви фестивали и подоцна да го глорифицираме во медиумите нивното значење, тоа е идиотско и провидно, дури и јавноста тоа еден ден ќе го разбере.

Работите ли на друг филм?

Веќе планирам следен филм. Не се водам по девизата дека треба да се паузира после огромна работа, да се чека бескрајно на инспирација. Работам цело време, понекогаш и на неколку проекти паралелно. Нема да паузирам ниту една секунда, веќе го подготвувам својот следен долгометражен филмски проект, во очекување дека ќе наиде на поддршка од институциите.

Стефанија Тенекеџиева