[Интервју] Свемирко: Не ми се прави нов албум „на сила“

Загрепчаните Свемирко на 31 август на „Здраво млади“ повторно ќе ве катапултираат со нивната музика далеку во галаксијата. Музиката која ни малку не се разликува од југословенската „синтвејв“ сцена, по втор пат ќе ја пренесат на публиката во Скопје, со албумите „Тунгузија“ и „Ванилија“ кои имаат звук како да не се од планетата Земја.

Многумина ве доживуваат како состав чија музика продира надвор од границите на планетата Земја. Дали Свемирко собира материјали и содржини од Земјата, од регионот, од старите Југословенски синтвејв бендови, за да може потоа да го катапултира аудиториумот во вселената?

Да, баш така. Работиме на сондата која ќе ја испратиме на далечниот пат кон галаксијата. Во сондата ќе ги ставиме нашите лица и гениталиите, но посебно, па тогаш нека мислат, што е чие е.

Што мислите за целата диско, синтвејв музика која се создавала во 80-тите години во Југославија? Колку тие се разликуваат со звуците кои вие ги создавате? 

Се најдобро! Не се разликуваат ни малку.

Велите дека сте претставници на жанрот емо-мачо поп. Ова е индивидуален белег, адут за ваша промоција, или можеби е пошироко колективно музичко движење?

Тоа е адут за нашата самопромоција. Се што некогаш правиме поврзано со овој бенд е исклучиво самопромоција. Имаме многу голема желба за слава, па ги измислуваме тие генијални називи кои не пробија во орбитата.

Со досегашните настапи и концерти, може ли да оцените колку регионалната музичка база може да „свари“ музика како Свемирко, за да има понатамошен развој?

Не го разбирам баш прашањето, ама нема врска. Публика за музиката како Свемирко има се уште. Луѓето сакаат да се забавуваат и да танцуваат, и тоа треба да им се овозможи.

Во едно интервју рековте дека луѓето во музиката бараат некоја подлабока порака, која воопшто не постои. Тоа значи дека е „исцеден“ просторот за третирање на политичко-социјални проблеми?

Кој досега решил некаков политички и социјален проблем со песна? Хипиците се мртви, панкот е мртов, секоја музика која се ослонувала на некои социјални групи е готова. Баш му е гајле на некој политичар што пее некој наркоман или пијаница. Мислам, нека пеат луѓето што сакаат, ама за мене тоа е глупаво.

Музичкиот полет го започнавте со албумот „Ванилија“ во 2017, додека „Тунгузија“ го објавите во 2018. Свемирко доживеа критички и мејнстрим успех и, со тоа, почна да цели на синглови. Ова ли е алатката за да се прoдре до публиката преку медиумите, кои голем дел се оптеретени со „цицо-естрадизација“? 

Не ја достигнавме публиката преку медиумите. (Публиката) ја достигнуваме преку социјалните мрежи и Јутјуб. Тешко дека ќе не видите на некои од тие цицо-медиуми. Би сакал да нагласам дека ние воопшто немаме голема публика.

Како што заредивте со албумите година за година, дали публиката може да очекува нешто слично и сега, во 2019? Или годинава е предодредена за „заслужена пауза“? 

Публиката не може да очекува ништо оваа година. Би сакал да сме на одмор, ама работиме со полна пареа, свириме секој викенд и работиме на некои други работи. Новиот материјал ќе излезе кога ќе имам нешто да кажам, не ми се прави албум „на сила“.

Веќе настапивте во Македонија, а сега повторно се враќате на „Здраво млади“. Какви се сеќавањата на Свемирко за првата средба со македонската публиката? И дали може да очекуваме проширен репертоар во Младински културен центар?

Слабо се сеќавам на деталите, но знам дека местото и публиката беа многу убави. Не нѐ знаат сѐ уште луѓето таму, па не беше лудило, но сега може да биде. Знам дека имаше многу згодни жени.

Живели, Марко!

Мартин/Бојан