[Интервју] Мирјана Јосифоска: Од остатоците по производството на шапки, создаваме стегачи за коса за да добиеме нула отпад

Кон крајот на 2019 година со колекцијата „Спомен за еден град“ (Memory of a Town) започнува приказната на дијазнерскиот бренд „Мирјана Јосифоска“. Тоа е првата и единствена модна колекција на овој бренд, за денес тој да стане препознатлив по одржлива мода целосно фокусирана на дизајнирање шапки, со што дизајнерката Мирјана Јосифоска станува првата македонска дизајнерка на шапки.

Идејата за етичко производство на шапки и додатоци за коса е една од победничките на годинешниот натпревар „Зелени идеи“ во организација на Здружението за социјални иновации АРНО. Во интервју со дизајнерката Мирјана Јосифоска разговараме за поттикот, предностите и предизвиците кои произлегуваат од светот наречен одржлива мода и дизајнирање без создавање на текстилен отпад.

„Мојата љубов кон шапките постои уште од многу мала возраст и тоа започнува со шапките на баба ми и мајка ми, а продолжи во моите тинејџерски години. После одреден период сакав да купам дизајнерска шапка тука и сфатив дека такво нешто не постои на нашиот пазар. Баш тоа претставуваше мотивација и инспирација за мене за да го основам првиот македонски дизајнерски бренд за шапки“, раскажува Јосифоска за Радио МОФ.

Првата колекција на шапки наречена „The Seven“ брендот ја претстави во 2021 година на 24. издание на Моден Викенд Скопје.

The Seven / фото: Frozen Time Drops

„Колекцијата е инспирана од седум жени кои ги има фотографирано модниот фотограф Хелмут Њутн. Секоја шапка беше инспирирана, дизајнирана и именувана по една жена: Анита Екберг, Шарлот Ремплинг, Елза Перети, Изабела Роселини, Линда Евангелиста, Моника Белучи и Софија Лорен. Сега, поголемиот дел овие парчиња станаа основни модели карактериситчни за нашиот бренд и со секоја нова колекицја, создаваме нова варијанта од овие модели во нова боја или материјал“, открива Јосифоска.

Креирањето за секоја следна колекција, како што споделува таа, претставува сегментиран процес на собирање инспирација и обемно истражување, проследено со развој на концепт и првични скици за моделот.

„Следно се изработуваат финални илустрации и технички скици, по што следува дигитална изработка на шаблони. Од шаблоните се изработуваат обично 2 прототипови: еден од муслин и еден од финалниот материјалот. Ако се е во ред со финалниот модел, производот се пушта во производство. Колекцијата потоа се презентира и се продава преку различни канали, а се спроведуваат и стратегии за продажба и дистрибуција. Се посветува внимание на персонализирано пакување кое се состои само од картон и хартија, без пластика. Во текот на целиот процес, соработката со професионалци е клучна, со цел да се донесе колекцијата од почетната идеја до спакуваниот производ на клиентите“, вели дизајнерката.

The Seven / фото: Frozen Time Drops

Следната колекција „Полиња со лаванда“/ “Levander Fields” е инспирирана од прекрасните полиња со лаванда во Тиквешијата. Третата колекција „Циклус“/“Cycle” го претставува циклусот на животот опишан преку боите во македонското народно творештво беше прикажана на самостојна ревија проследена со рецитал на „Дениција “ од Петре М. Андреевски во „Паблик рум“.

The Seven / Фото: Антонио Станков

Јосифоска посочува дека да се биде дизајнер во Македонија доаѓа со свој уникатен сет на можности и предизвици. По истражување за интересот на потрошувачите во земјава за дизајнерски парчиња, таа вели дека го има интерес, а тој е уште поголем за дизајнерски модни додатоци.

„Нашата мисија е намалување на текстилниот отпад преку одржливо дизајнирање и етичко производство. Користиме 100% сертифицирани материјали, текстилни отпадоци или материјали од 100% природно потекло. Во производствениот процес користиме “нула-отпад“ техника на кроење, каде што целта е создавање колку што е можно помалку отпад. Од сите остатоци создадени од производството на шапките, создаваме уште помали производи – стегачи за коса, со цел сведување на отпадот на речиси нула“, истакнува дизајнерката.

„Полиња со лаванда“ / фото: Меланија Николовска

Иако брендот се води како првиот од ваков тип кој негува еко-мода, Јосифоска смета дека честа за тоа им припаѓа на дизајнерите Ирина Тошева, Никола Ефтимов и Александра Јовановска, кои како што вели, први започнале да се занимаваат со одржлива мода со што им ги отвориле вратите на помладите дизајнери.

„Мојот почеток како одржлива дизајнерка започнува со проектот ‘Sustainble Story’ организиран од Моден
Викенд Скопје и менториран од страна на Ирина Тошева во 2018. Моден Викенд Скопје како организација, но и баш тој проект, создаде и повлече еден нов бран на млади одржливи дизајнери во земјава кои ја промовираат важноста на одржливиот дизајн на македонската публика“, раскажува Јосифоска.

Производите денес ги создаваат во специјализирано производствено студио во Тетово. Дизајнерката смета дека процесот на дизајнирање во полето одржлива мода денес е полесен од претходно и тоа се должи на како што вели, обемниот пристап на информации.

Таа додава дека во следниот период ќе целат кон вработување жени од руралните области во Полошкиот регион и млади жени со цел стимул на текстилната индустрија која, како што посочува, полека умира во земјава.

Покрај во земјава, брендот своите колекции ги има презентирано и пред публика во Белград, Љубљана и Солун. Освен модни ревии, често учествува и на натпревари и програми кои промовираат зелена мода, како „Sustinable Fashion Competition“, „Uplift Western Balkans“ и „Fashion Scout SEE“ во Љубљана.

Од настанот „Sustainable Fashion Competition“

Јосифоска вели дека независно од тоа да се поседува креативна идеја и талент за цртање, застапувањето на моден бренд бара длабоко разбирање од конструкција, способност за соработка, ефикасна комуникација со клиентите и членовите на тимот.

„Како и во секој бизнис, па така и во модниот потребна е деловна острина, вклучувајќи брендинг, маркетинг и финансии. Приспособливоста и упорноста се исто така важни во воспоставување на моден бренд. Во денешната дигитална ера, дизајнерите мора да одвојат значително време и напор за рекламирање и маркетинг. Промовирањето на нивниот бренд на социјалните мрежи и имплементацијата на ефективни стратегии сега е составен дел од процесот на дизајнирање, заедно со самото цртање и дизајнирање. Во секој случај, напорната работа и дисциплината секогаш го победуваат талентот“, забележува таа.

The Cycle / фото: Антонио Станков

Според неа, иако досега биле два пати поддржани од Министерството за култура, за поголем развој на модната индустрија во Македонија недостасуваат здруженија, организации и повеќе средства со цел промоција и поголем пристап на дизајнот и модата кон пошироката публика. Таа се осврна и на податокот дека на најголемиот државен универзитет во земјава, „Св. Кирил и Методиј“ нема насока за изучување моден дизајн.

„Сметам дека треба да се воведе смер кој ќе се фокусира конкретно на модниот дизајн, како и на конструкцијата на облека. Друга програма која ја нема тука во споредба со програми во другите држави е смер фокусиран на модниот бизнис. Голем број на студентите на моден дизајн после завршување на студиите се решаваат да отворат свој бизнис, па така студии како моден бизнис би биле навистина потребни и корисни“, посочува дизјанерката.

Во следниот период брендот го очекува развивање на целосно нов производ што треба да се прикаже во рамки на американската инкубаторска програма „GIST Innovates the Balkans“. Нивната летна колекција набрзо ќе биде достапна за продажба на наш нов продажен канал, а Јосифоска сподели и дека на есен може да очекуваме нова колекција.

„Нашата нова зимска колекција ќе биде промовирана од страна на Скала Магазин овој септември. Она што можам да го кажам е дека станува збор за целосно нов производ, за разлика од производите кои ги нудиме сега“, вели Јосифоска за крај.

Ангела Бошкоска