Регенеративна економија во мода и протеинска храна од инсекти и леблебија – прогласени победничките „Зелени идеи“ за 2023

Здружението за социјални иновации АРНО вчера ги прогласи победниците од овогодинешниот натпревар „Зелени идеи“.

Жири комисијата на натпреварот ги избра идеите „Дизајн на ташни со техника на плетење без создавање отпад, изработени од самохрани мајки“ на Натали Ристовска и „Дизајнерски шапки“ на Мирјана Јосифоска. Од АРНО посочија дека за ембрионска победничка идеја е избрана идејата на Благојче Најдовски наречена „APICO-PRO SUPERFOOD“.

„И годинава, како и лани, имаме победничка идеја поврзана со инсекти и протеинска храна, светскиот предизвик е тој, и еве наши локални решенија. Се радуваме што имаме македонски иноватори. Интересно е што годинава, во 9 години организирање на натпреварот, даваме шанса на две нови компании да ја докажат својата силна заложба за регенеративна економија во областа на модата. Силниот елемент на бизнис модел на социјално претпријатие и вербата дека младите девојки вистински стојат зад зелената димензија го охрабри жирито да каже да за одржлива мода. Имаме два македонски бренда многу солидни, подготвени да настапат на пазарот со производи направени исклучиво по нарачка, и ние сакаме да видиме бизниси кои прават и профит и добро за локалните заедници“, изјави претседателката на АРНО Ирина Јаневска.

Ристовска која е една од победничките со идејата за дизајн на ташни со техника на плетење без создавање отпад, посочи дека „Yova“ е првиот македонски етички моден бренд.

„Рачно изработуваме модни додатоци со техника на хеклање и без создавање на отпад. Се грижиме целиот животен циклус на еден производ да е етички и затворен, а тоа значи дека не само што се грижиме еден производ да има долг рок на траење, туку како, со што и под кои услови е направен и што се случува кога неговиот животен век ќе заврши. Како жени основачи, се грижиме за поддршка на жените, па така нашите производи се изработени од самохрани мајки и од жени од ранливи категории и рурални области“, изјави Ристовска.

Натали Ристовска

Јосифоска во меѓувреме истакна дека нивните производи, односно дизајнерските шапки се создадени од остатоци од текстилен отпад од фабрики во Македонија, при што го намалуваат текстилниот отпад и негативното влијание врз животната средина.

„ Од остатоците создадени за време на производството на шапките, правиме помали додатоци за коса – стегачи. Притоа, сите призводи може да се разградат од 6 недели до 6 месеци. Самата програма на АРНО беше супер вклучувајќи ги и работилниците на кои што учествував пред почетокот на натпреварот и многу ми е мило што во нашата земја се поддржуваат зелени идеи и зелени бизниси“, рече Јосифоска.

Во меѓувреме, Најдовски објаснува дека неговиот производ „Apico-Pro“ е иновативна алтернативна протеинска функционална супер храна на база на инсекти за здрав живот.

„Ние нудиме нов пристап и технологија за производство на ‘Apico-Pro’ кој е комбинација од растителни протеини, локално произведена леблебија која е позната со векови на овие простори, и високо нутритивен прав од трутовски ларви  кој се произведува со сушењето на ларвите во услови на вакум со замрзнување на ултра ниски температури, познато и како лиофилизација. Ме импонираше фактот дека мојата идеја беше прогласена за една од 3-те победнички. Ми претставува предизвик и потстрек да одам понатаму. Сакам да отворам и стартап компанија преку која целата палета на производи кои ги презентирав на натпреварот ќе се најде на полиците на продавниците“, вели Најдовски.

Благојче Најдовски

Жирито кое ги оценуваше пристигнатите апликации беше во состав на експертите Марија Ѓошева-Ковачевиќ од „Земјоделски Институт – Скопје”, Миранда Ајдини од Стопанска комора на северо-западна Македонија, Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Глигор Михаиловски од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг-„МКА2000“ и Галена Канингам од „Македонија 2025“.