„Пели“, „Од загадувач до разубавувач“ и „Инсект пилот соба“ се победници на „Зелени идеи“ 2022

Користење на отпадот во ново производство е главната тема на овогодишните победници на годишниот натпревар „Зелени идеи““ кој го организираше Здружението за социјални иновации „АРНО“.

Од пристигнатите 20 апликации, 10 се натпреваруваа во македонското финале. Како победнички идеи во категоријата „ембрионски идеи“ беа избрани „Пели“ на Јана Ангеловска и „Од загадувач до разубавувач“ на Гоце Стевановски, додека во категоријата „зелени концепти“ победи идејата „Инсект пилот соба“ на Александар Каравилоски од Ве дог фуд-Прилеп.

„Пели“ е зелена идеја фокусирана на отпадот од пелени, објаснува Ангеловска.

„(Идејата) има три сегменти: Подигнување на општествена одговорност за почиста животна средина преку блогови и едукативни кампањи. Поттикнување на родителите за примарно селектирање на отпад од пелени кој во моментов завршува на депониите и намалување на притисокот врз користење на нови ресурси. Имплементација и развој на циркуларна економија преку развој на технологија за реупотреба на отпадот и добивање на нов еко продукт“, вели Ангеловска.

Идејата „Од загадувач до разубавувач“ на Гоце Стевановски се состои од собирање на отпадна хартија од сите големи загадувачи и конвертирање во трајни материјали: плочест материјал за столарија и втор материјал- вештачка кожa. Од овие материјали планирана е изработка на високо-естетски трајни производи за широка потрошувачка, но и продажба на репро-материјали.

„Добивањето на признание во форма на пласман меѓу првите три идеи, ми даде со радост да ја понесам одговорноста за да ја оправдам довербата на тимот на АРНО и соработниците, но и да се изборам оваа идеа да добие интернационално признание и прифаќање, со цел зеленото ехо се прошири што подалеку и позитивно ги промени животите на што поголем број на луѓе“, вели Стевановски.

За победничката идеја во категоријата зелени идеи, „Инсект пилот соба“, авторот Александар Каравилоски кој доаѓа од Ве дог Фуд-Прилеп вели дека начинот на кој ги храниме животните треба драстично да се промени.

„Во нашата идеја како суровина за исхрана на ларвите од муви се користи биоразградлив отпад. Самото производство нема потреба  од голема количина на енергија , нус производот е  органско ѓубриво и не произведуваме отпад. Со сите овие параметри ние започнуваме еден нов бизнис и со сигурност тврдиме дека сме 100% зелени“, истакнува Каравилоски.

Од АРНО велат дека ги радува што на бизнис моделот на принципот на циркуларност, односно го користат отпадот (пелени, картон, зеленчук/отпад од фарми) во процесот на ново производство, е се поблиску до македонските претприемачи.

„Од отпад до производ е фасцинантен концепт кој мора да наиде на слух и поддршка во општеството, ако сакаме да сме во тек со економските трансформации и ако сакаме да си го олесниме патот понатаму. Еколошки колапс = социјален колапс, тоа ни е познато во равенката, е сега, останува задачата да решаваме заедно како да креираме и поддржуваме економија добра за човекот и природата“, вели Ирина Јаневска од АРНО.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во нашата земја и во Албанија, Косово, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.