[Интервју] „Копче“ ќе биде отворена за лицата во ризик и со ниски примања

Од вчера во центарот на Скопје започна со работа нова продавница, но за разлика од останатите, „Копче“ ќе нуди половна облека каде секој граѓанин ќе може да купува по симболични цени.

Развојот на идејата, која инаку досега успешно функционира во Германија, започнал минатата година. Група на млади од Црвениот крст подготвија бизнис план за кој годинава добија и средства. Сега тие имаат двајца вработени од ранливи категории, a набавија и потребна опрема и материјали.

„Копче“ е проект создаден за да овозможи поефикасен систем на дистрибуција на облека до лицата во ризик, лесен пристап до облека со ниски цени за сите граѓани со цел да го зачува достоинството на оние кои имаат ниски примања, а не бараат помош, вработување на ранливи целни групи и придонес во зачувување на животната средина“, вели Марина Матеска, стручен соработник за социјално-хуманитарна дејност.

Црвениот крст се занимава со донации на облека отсекогаш. На годишно ниво Црвениот крст прима околу 20 тони донирана облека, појасни таа.

„Количините на облека кои ги имаат граѓаните во своите плакари, а која не ја носат сигурна сум дека е многу поголема од онаа што ние ја добиваме, а од друга страна пак и потребите на најранливите се понекогаш поспецифични од она што сме можеле да им го дадеме. Оттука произлегува потребата да бидеме уште пофокусирани на ова поле и да можеме на најдобар и најсоодветен начин да направиме еден баланс помеѓу потенцијалот и потребите, а со тоа да овозможиме да се фрли што помалку облека која ја загадува природата“, вели Матеска.

Продавницата ќе биде отворена секој работен ден од 9 до 19 часот, а во сабота од 9 до 14 часот. Секој ќе може да придонесе со тоа што ќе купи облека по поволни цени, секој ќе може да донира и секој ќе може да волонтира.

„Донациите за „Копче“ можат да се донесат во самата продавница, доколку се работи за помала количина (1 до 2 кеси), доколку се работи за поголеми количини , граѓаните ќе можат облеката да ја однесат во магацинот на Црвен крст во Момин Поток во работно време од 08:00 до 16:00 часот“, појаснува Матеска.

Цените ќе се движат од 10 денари до 400 денари. Се одредуваат според видот на облеката, а потоа и според тоа колку се сочувани и дали се квалитетни и брендирани, објасни таа.

„Може да се најде секаков вид на облека,  бебешка, детска, машка и женска, а имаме и обувки и детски играчки. Дел од облеката е целосно нова,  дел  е само неколку пати облечена, а има и убави парчиња кои биле можеби и повеќе носени но се квалитетни и добро сочувани. Во однос на стилот исто така можат да се најдат различни парчиња на облека кои се модерни или пак ретро. Се случува граѓаните да донираат и многу уникатни парчиња облека или пак некои модни додатоци. Дел од облеката носи и своја приказна која е напишана од страна на донаторот и со која се пренесува убава енергија и на купувачот“, образложи Матеска.

За иницијативата, вели таа, најмногу поддршка добиле од индивидуалци, но и од одделни компании.

Крајната цел на „Копче“ е да се постигне самоодржливост и унапредување на иницијативата, насочена кон обезбедување на навремена и најсоодветна облека за лицата во ризик.

„На сите лица кои доаѓаат кај нас да бараат облека, а се работоспособни ќе се стремиме да ги поддржуваме во поттикнување и создавање на работни навики со цел да се вработат и самите да можат да си ја купат облеката. Тоа подразбира придонес кон зајакнување на капацитетите на ранливи групи на население и креирање на работни места кои имаат за цел да овозможат работна интеграција на ранливи групи население. И секако, помеѓу сите овие цели се испреплетуваат и солидарноста, хуманост и волунтаризам кои ќе ги промовираме како највисоки човечки вредности“, вели Матеска.

Е.П.