[Интервју] Хуморот ја надживеа смртта во документарниот „Градот на мртвите“

Пред две години во Палма, главниот град на шпанскиот остров Мајорка, режисерот Мигуел Еек го започнува својот филмски есеј за смртта, но прикажанa низ очите на оние кои работат со неа. Инспириран по смртта на својот чичко, тој решава да го направи документарниот филм „Градот на мртвите“ („The city of the dead“), кој го следи секојдневието на работниците во единствената погребална служба во градот. А ние имавме прилика синоќа да го погледнеме на фестивалот „Македокс“ во Куршумли ан и да поразговараме со режисерот. 

Гробиштата и крематориумот во Палма претставуваат град во град. Овде има место за секој – колку и да звучи морбидно ова. Но, режисерот Еек решава да ја оттргне морбидноста и стравот од смртта така што ја шета публиката низ катакомбите и гробовите, запознавајќи ја со чуварот, градинарите, вработените во мртовечницата, чистачките на ковчезите, но и посредникот во погребалната служба.

Ако овие ликови и нивната работа до вчера беа енигма, сега се протагонисти на документарецот во кој ќе ги слушнете како муабетат за животот после смртта, дали Армагедон е дело на Бог, но и за тоа што има ново од забавниот живот во градот.

Како го прави тоа? Преку хумор, иако тоа не била првичната замисла на режисерот. На моменти дури ќе се запрашате зошто се смеам на ова?

„За нив, хуморот е начин да ја преживеат смртта. Јас сакав да го прикажам тоа, но не со намера да направам комедија, иако некогаш наликува на тоа. Ние сме Шпанци, а во Шпанија имаме похумористичен начин на споделување работи“, вели Мигуел.

И навистина, хуморот помогна да се „сварат“ тешки теми како болката и тагата по загубените ближни, но и сцените каде пред вас се „средува“ мртовец.

„Мислам дека документарецот ги комбинира овие две страни – суштинските разговори кои работниците ги имаат во ова спиритуално место, а во исто време сосема природните муабети за материјални нешта, шегувајќи се. Мислам дека тоа е она што сакав да го покажам – можеби треба да се соочиме со смртта на поприроден начин, а не како страшна, мрачна. Сепак, смртта е дел од животот“, забележа тој.

Документарецот го доловува долгиот и скап процес по смртта низ кој поминуваат најблиските на починатите. Еден од ликовите во документарецот ќе рече „Скапо е да се умре“, на што добива одговор „Поскапо е да се живее“. Така што, филмскиот есеј е и метафора и за класната разлика, вели Мигуел.

„Ковчезите зборуваат малку и за општеството. Ги имаме најевтините ковчези, но и најскапите. Во зависност од престижот, но и од тоа што сакаш да претставиш за својот роднина. Понекогаш погребот се гледа и на тој начин. Вие ја сакате мајка ви и секако дека би го платиле најскапото, дури и ако тоа трае 2 часа по што ќе биде запалено. Тоа е парадоксално“, смета тој.

Несомнено, ликовите го направија документарецот значаен. Токму со нив Мигуел се помачил најмногу. Со месеци работел со нив, без да ги снима. Ја придобивал довербата за тие да се опуштат пред него.

„На почетокот беа уплашени. Тие навистина не знаеја што е документарец. Тие мислеа дека ќе снимам само 4 часа и дека ќе си одам. Но, кога сфатија дека ќе останам со месеци, се смени односот. Со нив го споделувавме времето и многу други нешта“, вели тој.

За време на снимањето; Фото: ciutatdelsmorts.mosaicprod.com

Документарецот отвора и филозофски прашања, за кругот на животот и неговата важност. Впрочем, ова било лекција и за самиот Мигуел. Според него, понекогаш мора да се откажеме од сентименталноста за да размислиме за пофункционалните аспекти на смртта.

„Сега се соочувам со смртта на малку поприроден начин. Јас сум среќен што го споделив времето со овие работници, што сфатив кои се процесите по смртта и се чувствувам посмирено и сигурно, а во исто време сфатив колку е важно да си свесен за колку голем може да е животот“, рече тој.

Низ документарецот се провлекуваше и темата за бесмртноста. Во неколку наврати вработените ја читаа веста дека „Силиконската Долина“ најавила оти за 20 години секој ќе биде бесмртен. Што мисли Мигуел на темава?

„Неодамна ја прочитав книгата „ Sapiens: A Brief History of Humankind“ каде се зборува за иднината, каков ќе биде животот… Така што се надевам дека нема да станеме бесмртни“, одлучно одговори тој.

Придружен со своето семејство, Мигуел за првпат го посети фестивалот „Македокс“ од каде вели дека ќе понесе многу позитивни спомени. Публиката, пак, му возврати со многу прашања за време на дискусијата на документарецот. На едно од прашањата, тој одговори:

„Во Франција, во Канада и Шпанија, луѓето се смееја многу. Се доби слика дека правиме циркус, на некој начин беше чудно. Јас очекував повеќе смеа овде, но не. Беше подискретно“.

Емилија Петреска