Институт за јавно здравје: 3.882 смртни случаи од малигни неоплазми во 2016 година

После болестите на циркулаторниот систем, малигните неоплазми се втората најчеста причина за смрт во Македонија. Во 2010 година од рак умреле 3.705, а во 2016 година 3.882 лица, додека стапката на морталитет се движи од 180,3 на 100.000 население во 2010 година до 187,3% во 2016 година. Мажите двапати почесто почесто умираат од карциноми, рече денес директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, кој зборуваше по повод одбележувањето на 4 февруари – Светскиот ден против ракот.

Мемети нагласи дека кај мажите најчеста причина за смрт е малигната неоплазма на бронх и бел дроб со стапка на морталитет од околу 65 починати на 100.000 мажи годишно. Кај жените, пак, најчеста причина за смрт е малигната неоплазма на дојка. Стапката на морталитет се движи околу 30 на 100.000 жени.

„На Светскиот ден на ракот, имаме можност колективно да ги анализираме стратегиите за контрола на ракот за да ги идентификуваме победничките формули кои ќе го забрзаат напредокот. Целта на сите нас е што помалку луѓе да развијат рак, повеќе луѓе успешно да бидат третирани и да се обезбеди подобар квалитет на живот на луѓето во текот на третманот и подоцна во текот на животот“, рече Мемети.

Малигните неоплазми со учество од 20-25% се наоѓаат на второ место по причина за смрт во развиените земји во светот, рече тој, веднаш по кардиоваскуларните болести, кои пак учествуваат со околу или над 50% во структурата на морталитетот.

„Ракот во моментот е одговорен за речиси еден од шест смртни случаи на глобално ниво. Секоја година кај повеќе од 14 милиони луѓе се дијагностицира рак, и оваа бројка се очекува да се зголеми на повеќе од 21 милиони до 2030 година“, нагласи Мемети.

Истовремено, од Институтот прашуваат колку работници се изложени на канцерогени супстанци во Република Македонија?

„Повторно никој не знае! Нивниот број во земјите на Европската унија се движи околу 20%. Зошто тоа би било различно кај нас? Затоа, претпоставениот број на работници изложени на професионални канцерогени материи на работното место кај нас е околу 150.000, а за сите нив е неопходно и законски обврзувачки да бидат информирани, соодветно обучени и пред се заштитени“, соопштува Институт за јавно здравје, кој Светскиот ден против ракот го одбележа под мотото Ние можеме. Јас можам“.