Инсталацијата „РЕ Употреби го умот“ на 20 август ќе биде претставена во Градски парк

ХОПС на 20 август во скопскиот Градски парк (карши паркот за кучиња) ќе ја претстави инсталацијата  „РЕ Употреби го умот“.

„Ќе ни биде чест да дојдете и да се запознаете со нашето дело, да се подружиме и да го залееме со љубов и заеднички желби за подобар соживот. Дојдете да ѕенѕаме на музиката на DJ Chvare, дојдете да се запознаете со нашиот тим кој со месеци работи на овој проект си трпение, посвета и љубов“, соопштуваат од ХОПС.

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје спроведува акциски грант од Civica Mobilitas, чија цел е општествена интеграција и социо-економско зајакнување на луѓето во социјален ризик во Скопје, преку нивно активно вклучување во активности во локалната заедница.

Од организацијата објаснуваат дека „РЕ Употреби го умот“ е инсталација која има 4 лица и во нив се вградени повеќе од 400 реупотребени пластични шишиња, 6 реупотребени палети, 160 растенија, 400 литри земја и минерал, 7 пара вредни раце, многу љубов и желби за заедништво.

„Инсталацијата индиректно претставува визија на корисниците на дроги за дијалог со дискриминираните наспроти останатите општествени чинители. ‘РЕ Употреби го умот’ има за цел да влијае на свеста на околината, овозможувајќи учество во креирање и реализирање на идеите за квалитетно заедничко живеење, еднакво за сите.

* Завземи став – Take a Stand, представува зелен вертикален урбан простор кој овозможува изразување на позитивниот став на младите. Тука може секој да застане и да го каже гласно или да го напише и нацрта своето позитивно мислење. Целта е да мотивираме и предизвикаме младите а и останатите, да го искажат својот став за подобро заедничко утре и еднакви можности за сите.

* Биди зелен – Go Green – е вертикална градина. Ова е градина во која се насадени желби и надеж и за подобра заедничка иднина. Декорираните пластични садови кои се претворени во ликови, се совршен симболичен приказ на тоа дека всадувањето и одгледувањето позитивни мисли и практики во човековиот ум, води кон зелена заедничка иднина. Да си пружиме рака и заеднички да ја израснеме нашата иднина.

* На астал – On The Table – произлегува од „Да седнеме на астал“, на трпеза и да разговараме, картите на маса. Симболично, заедниците го повикуваат општеството, да седнеме на астал и да отпочнеме дискусија за предизвиците и нивно решавање. Тука е предвиден простор каде можат дикотеките, клубовите, театрите и сл. да остават инфо за случувањата кај нив..

* Седни размисли – Sead down and think e место каде може да се седне, да се размисли. Целта е да поттикнеме повеќе размислување и превземање одговорност. Повеќе пати да размислиме пред да кажеме нешто несакано. Предвиден е и простор каде младинските организации може да оставаат свои инфо/едукативни четива / флаери.

Преку инсталацијата покажуваме дека и заедниците можат и треба да имаат можност и за реинтеграција во општеството и можност за економски бенефит. Кај младите сакаме да ја поттикнеме и подигнеме свеста за инклузивноста и личната и општествена одговорност“, соопштуваат од ХОПС.

Инсталацијата ќе биде изложена подолго од еден месец. Поддржана е од Civica, Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ и Флораком.

Настанот ќе се реализира според сите протоколи за Ковид, издадени од Владата.