Импров групата „Настап“ на ФДУ

Импровизаторската театарска група „Настап” утре од 21 часот ќе настапува на Факултетот за драмски уметности (ФДУ).

Импровизацискиот театар е уметничко изразување во облик на непосреден, но комплексно структуиран јавен настап, обврзан да критикува, демистифицира и образува, оградувајќи се од вулгарност и прост подбив.

„Импровизацијата и непосредната креација отсекогаш биле основен дел од креативниот процес. Постојат вежби и ‘игри’, кои ја освестуваат и развиваат способноста на изведувачот да се адаптира на секој нов проблем и секогаш да дејствува од релаксирана но активна позиција. Заснован на овие вежби за импровизација, адаптирани да се играат пред публика, импров театарот ѝ дава можност на публиката директно да учествува во создавањето на сцените кои актерите ќе ги одиграат за прв пат“, се вели во најатава за настанот.

Организаторите велат дека во 1988 година во Велика Британија се појавува импров радио програма насловена „Whose line is it anyway?”. Поради популарноста уште истата година, таа радио програма се преиначува во телевизиска и останува на „BBC” сè до 1999 година, кога американското студио „ABC“ го купува шоуто и тоа сè уште се емитува во Америка.

„Со текот на времето насекаде низ светот се формираат вакви групи и се организираат импров фестивали и натпревари од национален и интернационален карактер“, соопштуваат организаторите на настанот.

Инаку, во „Настап“ играат Дамјан Цветановски, Мартин Манев, Сергеј Димовски, Наталија Теодосиева и Тони Денковски. Водители се Андреј Цветановски и Борјан Стојков.