Имагинарен град, изложба на фотографии на Александар Наумчески

Во центарот Јавна соба, на 19 мај ќе се отвори изложбата на фотографии насловена „Имагинарен град“, на Александар Наумчески, како дел од 18 Биенале на Mакедонската архитектура – БИМАС 2016.

Изложбата е во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а ја следи главната тема на биеналето – рециклираната архитектура.

Имагинарен Град е серија од генерирани урбани сцени и детали настанати со преработка на кадри фотографирани во повеќе градови. Фотозаписот настанат при фотографирањето на различните локации служи како алатка во креирање на нови архитектонски / графички решенија. Процесот претставува своевидно проектирање преку фотографија.

Имагинарен Град се фокусира и на аспектите на динамика наспроти статичност на градот. Во неколку серии, кои се дел од проектот, обработени се темите: промени, развој, згуснување, растење, мултипликација и повторување.

„Градот и архитектурата се подложни на постојани промени со текот на времето, во состојба без конечна, заклучена форма, динамични системи со подеми и падови. Неретко заради промените, било да се општествени, политички, културолошки или економски, објектите и нивната функција стануваат непотребни, надминати, неисплатливи. Тогаш, или се заменуваат со нови, развој кој може да зафати и поголеми рамки на урбана четврт која се трансформира во форма, структура и функција, или објектот ја задржува старата форма вдомувајќи во себе нова функција. Градот е во постојана состојба на рециклирање, реоформување, редефинирање. Нашите сеќавања за градот се фрагменти, просторни и временски исечоци, инсерти“, се вели во најавата за изложбата.

Нејзиното отворање е најавено во 20 часот.