Илјадници граѓани на антивладини протести во Бугарија

Неколку илјади граѓани на Бугарија се собраа во Софија и уште десетина други градови на антивладини протести, со барање владата на премиерот Бојко Борисов да поднесе оставка.

Демонстрантите извикуваа „Мафија“ и „Оставка“ пред седиштето на Владата, по што маршираа до Парламентот.

Синоќешните протести, кои се одржуваат четврти ден по ред, според полициските изјави, поминале без инциденти. Во протестите во петокот, кои се претворија во насилни, беа уапсени 18 демонстранти.

Протестите во Бугарија беа предизвикани од акција на обвинителството, со поддршка на големи полициски сили, поради наводни нелегалности во седиштето на претседателот во четвртокот.

Правниот тим на претседателот Румен Радев, како и неговите советници за одбрана и антикорупција беа приведени на распит, додека бил извршен претрес во нивните канцеларии. Акцијата била дел од две посебни истраги за откривање на државни тајни.

Оваа акција предизвика јавен револт и поттикна илјадници граѓани да излезат на улиците во Софија со осуда за ваквиот потег на власта и јавниот обвинител против претседателот кој има поддршка од бугарската опозиција.

Радев е редовен критичар на премиерот Борисов, често обвинувајќи го дека е поврзан со олигарсите во земјата.

Борисов викендов ги отфрли повиците да поднесе оставка, но неговите политички противници започнаа онлајн петиција за собирање потписи со кои ќе биде принуден на оставка. Опозициските социјалисти соопштија дека во среда ќе поднесат барање за гласање недоверба во парламентот, обвинувајќи ја владата за корупција.

За вечерва веќе е најавен нов протест во Софија, како и масовни протести низ целата Бугарија во вторник.