ИЈЗ: Македонскиот леб со премногу сол – Владата да постави максимален лимит

Македонските граѓани просечно консумираат 11,5 грама сол на ден, што е повеќе од два пати над препораките на Светската здравствена организација (СЗО), а особено висока количина на сол има во белите лебови во земјава, кои се доминантни во исхраната на населението, покажува истражувањето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Истражувањето е спроведено по повод Светската недела за подигање на свеста за намалување на сол во исхраната, која се одбележува од 12 до 18 март во кое се гледаат големи и непотребни варијации на количината на сол во лебот.

Податоците на ИЈЗ покажуваат дека количината на сол во лебовите во Македонија варирала од 0,36 до 2,5 грама на 100 грама леб, што е далеку над препораките во Обединетото Кралство, кои беа земени како референтни. Особено висока количина на сол била регистрирана во белите лебови – 1,42 грама на 100 грама леб.

„Солта е важен дел на исхраната на нашата популација, а од јавноздравствен аспект најважна е нејзината улога како „носач“ на јодот кој е неопходен во спречувањето на определени болести. Сепак, населението во Македонија внесува најмалку два пати повеќе сол во споредба препораките на СЗО. Внесот на сол преку белиот леб е карактеристичен поради тоа што тој леб преовладува во исхраната на нашето население и се покажа дека количините на сол во тој леб се меѓу повисоките, дури и во светски рамки“,вели д-р Игор Спироски од Институтот за јавно здравје и доцент на Медицинскиот факултет во Скопје, кој е член на WASH и беше учесник во истражувањето од Македонија.

Од Институтот посочуваат и дека една четвртина од производите кои биле вклучени во истражувањето немале објаснување на пакувањето за големина на порциите, со што бил отежнат изборот на потрошувачите во однос на тоа колку од производот би требало да јадат.

Најновото истражување на Светската акција за сол и здравје (WASH), која што егзистира во рамките на Универзитетот „Кралица Мери“ во Лондон, прикажува шокантни нивоа на сол присутни во овој производ. Во истражувањето беа вклучени над 2000 бели, целозрнести, мешани и други типови на леб од 32 земји и региони. Повеќе од една третина (34%) од лебовите имаа повеќе сол од максималната цел за сол во лебот во Обединетото Кралство (1,13 г/100г).

Многу земји имаат доброволни или задолжителни цели за максимална количина на сол во лебот. Намалувањето на количината на сол во лебот е лесен и ефективен начин за намалување на популацискиот внес на сол – истражувањата покажуваат дека количината на сол во лебот може да се намали за 25% за период од 6 недели, а потрошувачите воопшто да не забележат промена.

Истражувањето на WASH покажало дека третина од учесниците мислат дека СЗО може да направи повеќе во охрабрувањето на земјите за намалување на внесот на сол, но сепак најмногу од нив мислат дека најголема е одговорноста на владите на земјите во однос на таквата иницијатива и промена.

Македонскиот Институт за јавно здравје повикува на донесување и усвојување на цели за највисока дозволена количина на сол во лебот во РМ, како и континуирана контрола за почитување на истите.

„Државата, во соработка со СЗО и со индустриијата за храна, мора да започне активности во насока на достигање на целите на СЗО за намалување од 30% на внесот на сол до 2025 година“, додава Спироски.

„Јадењето премногу сол го покачува нашиот крвен притисок, главниот предизвикувач на мозочни и срцеви удари кои се причина за најголем број умирања и инвалидитет во светот. Намалувањето на внесот на сол во светски рамки би спасило милиони животи секоја година и сите земји би требало да работат во насока на намалување на внесот на сол за 30% до 2025 година. Нашето истражување покажа дека многу производители на леб во светот додаваат непотребно високи количини на сол во нивните производи. Владите мора да реагираат сега и да работат со индустријата за храна во насока на намалување на количината на сол во основните прехранбени производи“, вели д-р Грем Мекгрегор, професор по кардиологија на Универзитетот „Кралица Мери“ во Лондон и претседавач на WASH.

Од WASH препорачуваат пет начини на кои секој може да ја намали количината на сол во својата исхрана:

  • Исцедете ги и исплакнете ги пред јадењето овошјето и зеленчукот пакувани во лименки, а јадете повеќе свежо овошје и зеленчук
  • Погледнете ги етикетите на храната што ја купувате, за да одберете производи со помалку сол
  • Тргнете ја солта и солените сосови од масата за помладите членови да не стекнат навика за додавање сол во храната
  • Користете природни билки, лук или цитрусни плодови наместо сол за да го подобрите вкусот на храната
  • Постепено додавајте помалку сол во омилените рецепти, вашите рецептори за вкус ќе се навикнат

Соопштението на ИЈЗ албански јазик можете да го најдете на следниов ЛИНК.