Играњето „Покемон Гоу“ доведува до помалку интернет пребарувања за депресија, покажува нова студија

Сигурно се сеќавате на летото 2016 година, кога речиси секој играше „Покемон Гоу“. Луѓето излегуваа доцна навечер само за да го фатат реткиот Покемон во оваа вирална видеоигра и наоѓаа други луѓе во нивните маала кои се дојдени на истото место со истата цел.

Нова студија на Лондонската школа за економија истражуваше како овој глобален феномен влијаел врз локалните трендови на депресија. Истражувачите ги споредувале бројот на интернет пребарувања поврзани со депресија во местата кои имале пристап до играта, со местата кои немале таква можност.

Податоците покажале дека имало помал број на интернет пребарувања за термини како „депресија“, „стрес“ и „вознемиреност“, што сугерира дека мобилните игри базирани на истражување локации можеби водат кон пониски нивоа на депресија. Сепак, истражувачите утврдиле дека овој ефект не е траен, туку дека се губи по одредено време.

Студијата истовремено не тврди дека играњето преку одење од една на друга локација е лек за депресија, а авторите велат дека нивните наоди се однесуваат само за благи форми на депресија и не за оние кои страдаат од хронични или тешки депресивни пореметувања.

Истражувачите веруваат дека причината поради која „Покемон Гоу“ и други игри кои се базираат на барање локација, водела кон помалку пребарувања на поими поврзани со депресија е поради тоа што охрабрува физичка активност, социјализација лице-во-лице и изложеност на природа.

Авторите велат дека нивните наоди покажуваат колку големи се можностите на видеоигрите како „Покемон Гоу“ во поглед на менталното здравје и дека поради нивната релативно ниска цена и достапност можат да бидат од интерес за луѓето кои ги креираат политиките за јавно здравје.