Игор Мицевски: Студентите не смеат да дозволат да издиши студентското организирање

Студентскиот пленум недоволно ги користи своите средства за вршење притисок, истакна професорот Игор Мицевски од Високата школа за новинарство на денешната дискусија организирана во рамки на студентскиот настан Станица:Студентска. Тој говореше за начините преку кои протестите произведуваат поширока и потрајна општествена акција. Во излагањето тој се осврна и на начините на кој Пленумот може да изврши притисок врз медиумите и другите студентски организации, со цел студентите да бидат позастапени во овие организации.

„Студентскиот Пленум мора да ги реструктурира акциите доколку сака да биде успешен. Во ред, ќе има се` повеќе масовни протести. Владата максимално ќе ги игнорира нивните барање. Но што потоа? Не смеат да дозволат да издиши студентското организирање, не само против државниот испит, но и генерално за нивните права“, рече Мицевски.

Тој појасни дека истражувањета утврдиле дека повеќе од половина од македонските граѓани се плашат да го кажат она што го мислат во јавноста.

„Но, околу 70 тина отсто рекле дека се немало случено некој да проба да ги замолчи. Ова директно се одразува на културата на протестирање која допрва треба да ја градиме кај македонскиот народ, а и укажува на размислувањето на македонскиот народ“, посочи Мицевски.

Запрашан за кои дефанзивни мерки би можеле студентите да ги преземат, тој истакна дека постоеле и секогаш ќе постојат луѓе кои ќе пробаат да се инфилтрираат и да ги оцрнат протестите, но и дека засега грижа за тоа не постои. Мицевски потсети дека имало обид за провокација на првиот студентски протест, во кој навидум, некој од толпата бил уапсен и ставен во полициско комбе – но луѓето во првите редови и редарите реагирале одлично, ја смириле толпата и не дозволиле да ескалира ситуацијата.

„Не исклучувајте ја можноста за помош од средношколците и наставниците. Тие можат да ви бидат од огромна помош во вашата борба. Составете мешовити групи во кои ќе ги дискутирате сите овие работи со средношколците – со кое ќе ги едуцирате протестантите на иднината. Секако и професорите можат да ви бидат од огромна помош со нивното знаење и искуство, “ советуваше Мицевски.

За време на дискусијата беа направени споредби меѓу македонските и британските студентски протести од пред неколку години, а се анализираа и начините како тие успеале да ја искористат помошта од различните групи и организации за да станат помасовни. Исто така, Мицевски истакна дека наместо жалење за исполитизираноста на студентските организации и медиумите – треба да се побара општествена одговорност од нив, со цел да се проба да се смени нешто во тие институции.

Дамјан Коложег /  Станица: студентска