И покрај ограничувањата за работа, младите Хрвати масовно се селат во Германија

Дваесет и петгодишниот задарчанец, вработен како келнер во германскиот град Штутгарт со нетрпение очекува да види што ќе се случи на 1 јули 2015 година, на втората годишнина од влезот на Хрватска во Европската Унија, која би можела да се „одбележи“ со темата која најмногу го интересира – укинувањето на работните дозволи, пишува „Слободна Далмација“.

Според актуелните, но се уште неофицијално објавени информации, за кои неодамна зборуваше и хрватскиот министер за труд Мирандо Мрсиќ, од 13 земји кои ја искористиле можноста на двегодишно ограничување за вработување на работници од новите земји-членки на ЕУ, повеќето би можеле да го укинат ова ограничување. Но, Германија, Австрија и Велика Британија најверојатно и понатаму ќе го задржат ограничениот пристап за работа за хрватските граѓани – најмалку уште три, најмногу уште пет години.

Каде ќе остане ограничувањето на пристапот до работа за хрватските граѓани, а каде ќе биде укинато, официјално ќе се знае дури во јули или август. Големата стапка на невработеност и економската ситуација во земјата е постојана причина за хрватски државјани да ја напуштат својата држава и да бараат работа во другите земји членки на ЕУ, при што мета е Германија, во која Хрватите најмногу се иселуваат. Министерот Мрсиќ неодамна изнесе податоци дека Германија издала 26.000 работни дозволи за Хрвати, додека Холандија издала само 350.

За задарчанецот од почетокот на овој текст, кој почнал да работи во Германија веднаш по влегувањето на Хрватска во ЕУ, прашањето за работните дозволи е прашање за иднината.

„Како сезонски работник, без работна дозвола во една календарска година можам да работам само шест месеци. Излезе добро тоа што работев шест месеци годината кога влеговме во ЕУ, па веднаш потоа следната година си продолжив уште шест, по што можев да ризикувам да работам на црно и да платам казна или да си отидам дома, како што и направив. Се вратив на почетокот на оваа година на уште една сезонска тура, со надеж дека Германија во јули ќе ја повлече забраната за вработување. Потоа ќе можам да останам мирен како постојано вработен. Истата грижа ја имаат илјадници Хрвати. Многу полесно е со факултетска диплома, бидејќи ако работиш по струката, немаш потреба од работна дозвола.“

Во далеку подобра ситуација се наоѓа високообразованиот, 30-годишен жител на Сплит, кој пред една година заминал во Германија, исто така во Штутгарт, а од неодамна добил и работа по струка во маркетиншка агенција. Одлично ги зборува англискиот и германскиот јазик, без кои, како што вели тој, тешко би се вработил. И тој на почетокот работел како келнер, но паралелно ја користел и можноста наречена „mini job“ која всушност претставува дополнителна работа со ограничена сатница и плата која не може да биде повисока од 450 евра. „Мини работа“ можат да работат само студенти или оние кои веќе имаат „главна“ работа.

„Мини работа“ имав во една маркетиншка агенција, каде собирав искуства, покажував што знам и тоа ми се исплати, добив работа по струка и работната дозвола не ми е потребна.“

Во Германија, дури ни Германците не ја знаат проблематиката со работните дозволи, па остануваат изненадени кога ќе разберат дека и Хрватите треба да ги имаат овие дозволи, иако Хрватска е земја членка на Европската Унија. Формулата за успех е факултетска диплома, познавање на јазикот и упорност во барањето работа.

„Многу луѓе доаѓаат во Германија и всушност се случува вистински хаос од Хрвати кои бараат работа, стан, а не го познаваат добро германскиот јазик. Германија сака да ги ограничи таквите случаи, додека за другите е отворена како држава. Лагата и работата на црно не му ја препорачувам никому, бидејќи кога-тогаш ќе те најдат и може да добиете големи казни. На пример, јас три месеци живеев без здравствено осигурување, што ме чинеше 440 дополнителни и одеднаш платени евра“ вели 30-годишниот соговорник.

Иако Германија се уште не одлучила за работните дозволи, тој за „Слободна Далмација“ додава дека од службениците во германската служба за вработување слушнал дека Германија најверојатно нема да ја укине забраната, бидејќи и онака Хрватите се единствените во Европа кои не можат да се вработат каде сакаат.

„А сепак, нашите луѓе не се плашат од од Германија, туку повеќе се плашат нашата претседателка и Владата да не лобираат за забраната, поради масовното иселување од Хрватска во Германија“, смета соговорникот.

За тоа дали укинувањето на забраната за вработување ќе предизвика бран на иселување и од какви размери, особено ако Германија ја укине забраната, свој став има професорот Анѓелко АкрапИ покрај ограничувањата за работа, младите Хрвати масовно се селат во Германија, демограф од Економскиот факултет во Загреб.

„Искуствата на источноевропските земји и Хрватска покажуваат дека ниедна од нив не ја заобиколило иселувањето и тоа на кадарот според број и образование какво што им е потребно на најразвиените земји. Во ситуацијата во која се наоѓа Хрватска од осамостојувањето до денес, без да го реши проблемот со невработеноста, иселувањето е очекувано. Високоразвиените држави имаат селективна иселеничка  политика, им дозволуваат влез само на оние од кои имаат потреба на својот пазар за работна сила. Квотите и ограничувањата се само маски, бидејќи она што го сакаат го привлекуваат со платите и стандардот, ограничувањата не се важни, им служат само како мерка за сигурност од неконтролиран прилив на работна сила. “

Професорот додава дека заедничкиот пазар на работна сила во ЕУ и по истекувањето на забраната за Хрватска ќе биде ист.

„Сведоци сме на иселување за време на ограничувањата, не е во прашање само Германија, туку и прекуокеанските земји. Некогаш се иселуваа поединци, сега цели семејства. Некогаш се веруваше во враќање назад по стекнување на одредена заработка, денес тоа не е така затоа што земјите каде се мигрира, на различен начин ги врзуваат иселениците на подолг период. Невозможно е да заштедиш и да се вратиш“.