Хуманитарна трка за децата со Даунов синдром

Во градскиот парк во Скопје во недела (27 март) по првпат ќе се одржи хуманитарна трка на еден километар по повод Светскиот ден на лица со Даунов синдром. Целта на оваа спортска манифестација е да се подигне свеста за лицата со Даунов синдром, како и за нивниот еднаков пристап до спортот и спортските активности.

Трката е од отворен карактер и неа ќе учествуваат и деца со Даунов синдром и нивните семејства. Сите кои ќе сакаат да учествуваат во трката ќе треба да донираат 150 денари, додека учеството на трката за лицата и децата со Даунов синдром е бесплатно. Сумата која ќе биде собрана ќе се користи за обезбедување услови за тренирање со овие дечиња во текот на целата година, како обезбедување сала, реквизити, стручни лица за работа, организирање на семинари.

Сите деца со Даунов синдром по завршување на трката ќе бидат наградени со медали и пригодни подароци. За останатите натпреварувачи ќе бидат обезбедени награди по лотарија систем.

На овој спортски хепенинг после трчањето ќе има уште три спортски активности кои се од забавен карактер: мечување, кошарка и фудбал. Настанот е во организација на Мечувачки клуб Ескрим.