Хонгконшкиот активист Џошуа Вонг во притвор поради ланските антивладини протести

Препознатлиовиот млад борец за демократија од Хонг Конг, Џошуа Вонг, заедно со уште двајца активисти се притворени откако признале вина за обвинението против нив со кој се товарат за демонстрации пред седиштето на полицијата за време на анти-владините протести минатата година.

Вонг заедно со Иван Лам и Агне Чоу, признаа дека учествувале во организирање на протести кои не биле дозволени. Тројката активисти тогаш беа членови на сега распуштената политичка партија Демосисто.

Се очекува казната да биде соопштена на 2-ри декември. Доколку им биде потврдено обвинението, активистите се соочуваат со затворска казна од најмногу пет години. Вонг вели дека очекува да биде осуден на затворска казна.

„Убеден сум дека ниту затворските решетки, ниту забраната за избори, ниту било какви други самоволни моќници нема да можат да го спречат нашиот активизам. Она што сега го правиме е обид на светот да му покажеме колку е вредна слободата“, рекол Вонг пред судското рочиште.

24-годишниот Вонг стана познат како студентски лидер за време на „Чадор револуцијата“ во 2014 година. Против него беа покренати голем број на помали процеси откако во јуни Кина го наметна новиот закон за национална безбедност на територијата на Хонг Конг, со кој значително се ограничи можноста за политички активизам.

Про-демократските активисти ваквите процеси ги одбиваа како кампања против нив за нивно заплашување и малтретирање.