ХЕРА: Религиозните ставови на гинеколозите не смеат да го загрозуваат правото на личен избор

Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА реагира по информациите кои ги објави НоваТВ, дека новиот гинеколог во Шуто Оризари „влијае на жените да не абортираат бидејќи тоа се коси со нејзините религиозни убедувања“.

Од ХЕРА велат дека пристрасното и субјективно советување за абортус, засновано врз религиозни догми, наместо врз научни факти, со единствена цел да се одврати бремената жена од прекинување на бременоста, претставува груба повреда на интегритетот на жената и ја нарушува секуларноста на државата.

„Светската здравствена организација нагласува дека советувањето за прекинување на бременоста треба да биде доброволно и незадолжително. Советувањето мора да биде на начин што го олеснува изборот, го почитува достоинството на жената и ги зема предвид нејзините потреби и перспективи. Секој обид за одвраќање и вршење влијание врз личните одлуки на жените претставува груба повреда на нивниот интегритет, што е основно обележје на човекот. Согласно Уставот на Република Македонија, одлучувањето за создавање деца е основно човеково право“, стои во соопштението од ХЕРА.

Од Асоцијацијата додаваат дека секое пристрасно советување претставува директен упад во приватноста на жената, што понатаму може да има сериозни последици врз нејзиното ментално здравје или социјалната состојба доколку одлуката не е лична, туку присилна. Дополнително здравствените, како јавни дејности, ја нарушуваат уставната секуларност доколку во професионалното работење се промовираат религиозни гледишта.

„Апелираме до гинеколозите и до сите здравствени работници на сите нивоа на здравствената заштита да нудат објективни информации согласно медицината заснована на докази и да се воздржат од наметнување субјективни ставови базирани на религиозни догми и пропаганда со цел ја премислат бремената жена или да влијаат врз нејзината лична одлука. Тие треба да ја информираат жената како се спроведува абортусот и каква здравствена грижа ѝ следува доколку треба да се справи со можните несакани ефекти од интервенцијата, согласно клиничките протоколи, но и за модерната контрацепција со цел заштита од несакана бременост во иднина“, реагираат од ХЕРА.

Од Асоцијацијата посочуваат и дека во услови кога законот за прекинување на бременоста сè уште е рестриктивен, огромна е одговорноста на здравствените работници да постапуваат професионално и да не им поставуваат дополнителни пречки на жените при остварувањето на правото на личен избор.