Хакирани Твитер профилите на Џо Бајден, Барак Обама, Бил Гејтс и многу други

Твитер профилите на американскиот кандидат за претседател Џо Бајден, поранешниот американски претседател Барак Обама, како и профилите на некои од најбогатите луѓе како Бил Гејтс и Елон Муск вчера беа хакирани, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Меѓудругото, хакиран беше и профилот на милијардерот Џеф Безос, раперот Канје Вест, како и профилот на ѕвездата на реалните шоуа Ким Кардашијан.

Преку профилите се твитало и се повикувале луѓето дека ако донираат криптовалута во точно одреден „паричник за криптовалути“ ќе ја дуплираат заработката. За неколку часа од почетокот на хакерскиот напад, околу 300 илјади луѓе наседнале на измама и пратиле биткоини во вредност од над 100.000 долари.

Твитовите се избришани неколку минати откако се објавени.

Како што пишува хрватски „Индекс“, Твитер објави дека хакерите ги искористиле вработените со пристап до интерните сервери како би „презеле контрола над многу познати профили, и како би твитале наместо нив“.

„Истражуваме дали хакерите направиле некои други криминални активности и дали имале пристап и до други информации. Кога ќе имаме нови детали, ќе ја известиме јавноста“, соопштија од Твитер.

Извршниот директор на Твитер Џек Дорси претходно кажа дека компанијата го утврдува проблемот.

„Тежок ден за Твитер. Жал ни е што се случи ова“, рече Дорси.

По веста за хакерскиот напад, акциите на Твитер паднаа на берзите за скоро пет проценти.

Соосновачот на компанијата за сајбер-безбедност „CrowdStrike“, Дмитри Алперович рече дека ова се чини како досега најлошиот хакерски напад врз најголемите платформи на социјалните медиуми.