Гугл, Мајкрософт и Фејсбук емоџи симболот на револвер го менуваат со пиштол на вода

Гугл и Мајкрософт се последните компании кои го променија емоџи симболот на револвер со пиштол на вода. Со тоа, овие технолошки гиганти се приклучија на платформите како Твитер, Самсунг, Епл и ВатсАп, кои ја направија таа промена.

И од Фејсбук потврдиле дека се во процес на правење на оваа промена.

Промената од револвер во пиштол играчка започна во 2016 година, кога компанијата Епл ја иницираше промената преку конзорциумот Уникод, кој ги одобрува измените на емоџи симболите кои се користат на интернет платформите.

ФОТО: Emojipedia.org

Додека на Твитер, Мајкрософт како причина за промената ги наведе „вредностите“, последните промени на компаниите веројатно ја отсликуваат и солидарноста со движењето за поголема контрола на оружјето. Средношколци низ САД одржуваа бројни протести како дел од иницијативата „Марш за нашите животи“ која ја започнаа преживеаните ученици од училиштето во Паркланд, Флорида, каде се случи смртоносен вооружен напад.