Групна изложба „Современа македонска илустрација“ во КИЦ

Во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје – Галерија Империјал I, на 7 септември од 20 часот ќе биде отворена групната изложба „Современа македонска илустрација“.

Во изложбата учествуваат тројца македонски илустратори: Петар Шулевски, Анастасија Зафировска и Христина Мазнеска, чии илустрации се изработувани во изминатите неколку години.

„Постои спој и поврзување на уметниковите пасии и љубовта која ја негуваат кон дигиталната илустрација колективно. Нивните стилови иако различни можат да опстојуваат и стојат едни до други, надополнувајќи се и наоѓајќи начин да се рефлектираат во денешното време. Гледачот ќе има единствена можност да заплови во имагинарните светови на ова современо уметничко трио. Од илустрации на книги со ликови од фантазијата полни со живот и боја, до митолошки суштества и цртежи со теми од македонскиот фолклор, оваа изложба апсолутно ќе биде добредојдена во едно тмурно време во нашата татковина кога владеат неспокој и несигурност, а колоритните поставки како оваа се храна за душата и за негување на детето во нас“, стои во најавата на изложбата.