Грција го ратификуваше Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО

Грчкиот парламент со 153 гласа „за“ го ратификуваше Протокол за пристап на Македонија во НАТО, со што симболично стана првата, од вкупно 29-те членки на Алијансата, кои низ своите парламенти ќе треба да го потврдат членството на земјава во НАТО.

Со овој чин се комплетираат предусловите за стапување на сила на Преспанскиот договор. За седум дена во Македонија ќе се активираат уставните амандмани со кои ќе се промени уставното име на земјава во Република Северна Македонија.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во своето обраќање пред пратениците го бранеше договорот меѓу Македонија и Грција изразувајќи верување дека неговата влада ја „извршила својата патриотска должност“.

„Ќе не судат луѓето и историјата. Чувствувам дека ја завршивме нашата патриотска должност покрај заканите и уцените. Но, наскоро грчките граѓани и историјата, а најмногу следните генерации ќе судат за нашите постапки“, изјавил Ципрас, пренесува Екатимерини.

Македонија и Грција во следниот период заеднички ќе ги известат Обединетите Нации дека разликите за името, наведени во Резолуциите 817 и 845, се надминати и дека Договорот од Преспа стапува на сила. Македонија ќе ги извести и другите меѓународни организации дека нејзиното ново уставно име е Република Северна Македонија.