Граѓанската иницијатива „Доста“ бара решенија за дивата струшка депонија

Решенија за надминување на проблемите со дивата струшка депонија бара граѓанската иницијатива „Доста“, која инсистира за средба со премиерот Зоран Заев, каде би се презентирал и проект за за чистење и остранување на 90% од дивите депонии на ниво на држава.

Иницијативата веќе има испратено барање до Заев, во кое стои дека повеќе од година и половина е поминато од одлуката на Владата на РМ за решавање на проблемот со струшката депонија. Одлуката којашто имаше итен карактер, велат од иницијативата, не е спроведена до денот на пишувањето на поднесокот (4 февруари).

„Во ситуација кога сега е изградена транспортната станица и се е спремно за спроведување на одлуката се соочуваме со нови проблеми. Имено, според последните информации, информирани сме дека се јавил проблем со регионалната депонија ‘Дрисла’, која сега не дозволува депонирање на отпадот од Струга. Дополнително сме известени дека градоначалникот на Општина Струга побарал пренамена на средствата предвидени со одлуката“, стои во поднесокот на иницијативата до Владата.

Во една ваква ситуација, пишува „Доста“, депонијата продолжува да ги труе стружани со поголем интензитет.

„Имено, во овој период од година и половина општинските власти продолжуваат да го депонираат сметот на дивата депонија и истата во меѓувреме расте во обем. Барањето на градоначалникот не соодејствува со волјата на граѓаните на Општина Струга и истиот воопшто не го консултирал граѓанскиот и невладиниот сектор при донесување на една ваква одлука за пренамена на средствата. Од ваша страна беше ветено дека проблемот со депонијата ќе биде решен и бараме да си стоите на вашето ветување“, се вели во поднесокот на „Доста“ до премиерот, кој иницијативата го објави на Фејсбук.