Граѓани бараат ЈСП да ги врати линиите со број 9 и 19

Граѓани на населбите Топанско Поле и Шуто Оризари покренаа петиција за враќање на автобуските линии на ЈСП-Скопје кои се обраќаат на оваа релација.

Без најава, ЈСП- Скопје по Нова година ги укина автобуските линии 19 и 9, релација која во најголем број ја користат жителите од Шуто оризари и Топанско Поле. Граѓаните и учениците на овие населени места направија акција за потпишување на петиција до ЈСП.

„Во општина Шуто Оризари до пред некоја година функционираа две банки, сега ни банки ни банкомат од ниту една банка нема. Во Шуто Оризари никогаш немаше наплатен пункт од мобилните оператори, додека во соседните општини има по минимум два. Во Шуто Оризари нема Поликлиника, на 40.000 жители. Во Шуто Оризари нема театар, нема кино. Дури нема ни сообраќаен знак од обиколницата кој ќе ги насочи возачите накај Шуто Оризари (а за село Мирковци има). И наместо да се развива општината, на секој можен начин се уназадува, последно со потегот на ЈСП за укинување на линијата 19ка. Отворете и потпишете ја петицијата, барем тоа што може да го спасиме заедно додека е актуелен проблемот и додека не сме се помириле со ситуацијата како што сме го правеле тоа порано со сите работи што ни ги скратија…“, напиша револтиран граѓанин на Фејсбук.

На следниот линк може да се потпише петицијата за враќање на линиите со број 9 и 19, која е покрената од студенти стипендисти на РЕФ и корисници на Програмите на Ромаверзитас.