Група граѓански активисти од Кратово, Пробиштип, Крива Паланка и околните населени места, организираат несекојдневна акција – роденденска прослава на огромната дупка на регионалниот пат Кратово – Пробиштип.
Акцијата ќе се одржи утре (15 ноември), во 12 часот на локацијата во непосредна близина на Кратово на регионалниот пат Кратово – Пробиштип (на 300 метри од раскрсницата која од Кратово води кон Пробиштип).
„На спомената локација патот е уништен веќе 2 години, на 15 ноември се навршуваат 2 години откако пропадна патот на тоа место и затоа на овој начин сакаме да се обидеме да го свртиме вниманието на јавноста кон овој проблем.Веќе 2 години сообраќајот се одвива само на една коловозна лента, а отворените процепи кои константно се појавуваат заради пропаѓање на земјиштето само се прикрпуваат и една коловозна лента е постојано надвор од употреба. Со оглед на тоа дека многу пати сме се обратиле до надлежните институции за санација на овој проблем, а надлежните единствено ги полнат отворените дупки, неретко длабоки и по половина метар без притоа во целост да го решат проблемот, решивме на овој начин, со организирање на роденденска прослава на дупката, да го свртиме вниманието на јавноста и надлежните за овој проблем со кој веќе 2 години се засегнати над 30.000 граѓани од североисточниот дел на Македонија“, посоуваат активистите.
Решавањето на овој проблем е од исклучително значење не само заради безбедно одвивање на сообраќајот туку и заради фактот што постои голема опасност од целосно рушење на патот врз неколку куќи кои се наоѓаат под самиот пат.