Графиките на Жерновски во Акантус

Од 7 до 16 мај во Галеријата Акантус ќе бидат изложени графики од уметникот Велимир Жерновски.

Организаторите најавуваат дека ова е ново поглавје од проектот ОТАДЕ „Beyond“, на кој Жерновски работи во последните пет години, и обединува повеќе серии на: сито графика; рачно позлатен сито печат и 3Д печат.

„Во процесот на настанувањето на графиките Жерновски експериментира со строгите канони на припрема и изведба на графика, во просторот помеѓу монотипија и сито печат. Резултатот се вибрантни дела кои не можат да се повторат заради тоа што во себе го сублимираат и просторот и времето во кое се создадени преку процес во кој авторот спонтано дозволува да реобмислува, пре-печатува, брише, додава и воопшто да си игра со композицијата и боите. Сито печатот е една од најпопуларните графички техники која заради својата изведба дозволува уникатен авторски пристап, па овие дела во својот финален израз ги следи отворен простор, минимализам и очигледната ранливост на материјалното“, стои во најавата за изложбата.

Генералниот проект ОТАДЕ „Beyond “е инспириран од популарните слики на НАСА / Националната астрономска и вселенска администрација / и ЕСА / Европската вселенска агенција, и ја зема човековата љубопитност и знаењето за нашиот универзум како појдовна точка за наративното градење преку продукција на објекти и видео инсталации. Контрастот се гради преку пејзажи на нашата планета и осамени астронаути во вселената со минималистички естетски пристап.

Проектот ОТАДЕ го отсликува меланхоличниот пат на човековата интеракција со природата. Истиот споделува и загриженост за еколошките промени предизвикани од човечкиот фактор и ја поттикнува потребата да придонесе за свеста за кршливоста на нашата планета и нејзиниот одржлив живот. Претпоставува осаменичка иднина за човечкиот род како резултат на недостаток на грижа за природата.