„Градиме мостови“ ги спојува учениците од различни заедници преку работилници за екологијата и природата

Повеќе од 100 ученици, наставници и претставници на граѓанското општество и меѓународната заедница се собраа на 5 јуни, 2018 година во Скопје за настанот од проектот спонзориран од фондот „Градиме мостови“ чија цел е подобрување на интеракцијата меѓу учениците од различни заедници, соопшти ОБСЕ.

Деца и млади од различни заедници од Заводот за рехабилитација на деца и млади, ОУ Рајко Жинзифов и М-едукативниот центар учествуваа во различни истражувачки активности, учејќи за екологијата и зачувувањето на природата, важноста на разновидноста и силните пријателства.

„Беше прекрасно да се види една таква разновидна и ентузијастичка група млади луѓе, вклучително и деца со попреченост, да создаваат пријателства, надминувајќи ги линиите кои ги делат“, рече в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстајн кој додаде дека проектот ќе продолжи да доделува грантови за училишта и детски градинки со различни наставни јазици и во оваа и идната година.

 

Ученикот Ангел Ангелов истакна дека поминале прекрасно време заедно и запознале нови пријатели, додека Билјана Стерјадовска Стојчевска, раководителка на проектот изјави дека „учениците научија да се грижат за себе, но и за другите, да ризикуваат, да соработуваат и да даваат поддршка на своите другари без разлика на кој јазик зборуваат.“

Холандскиот амбасадор Вутер Пломп рече дека ценењето и прифаќањето на разликите е предуслов за силно и просперитетно општество.

„Среќни сме што Холандија го поддржа овој проект кој вклучува деца од различно етничко и верско потекло. Мостовите што тие ги изградија се пример од кој сите може да учиме,“изјави амбасадорот.