Град во Нов Зеланд им плаќа на луѓето да го напуштат поради пренаселеност

Градот Окленд во Нов Зеланд се соочува со проблеми да најде место за нови жители, па поради тоа владата ќе почне да плаќа до 5 000 долари за луѓето да најдат друг град за живеење.

Грантот за релокација од понеделник ќе им биде достапен на социјалната категорија на станари, а според соопштението на владата на Нов Зеланд, досега интерес изразиле над 130 луѓе.

„За оние луѓе кои сакаат да се преселат во поевтини региони, каде можеби имаат семејство и други мрежи за поддршка, овој грант ќе ја отстрани препреката за трошоци, која можеби ги спречува да го направат овој чекор“, вели министерот за социјално домување на Нов зеланд Пола Бенет.

Планот, објавен во јануари, првично беше наменет за луѓето кои се запишани на листата за социјално домување, но е проширен и за бездомници, откако медиумите објавија дека голем број на семејства живеат во автомобили, шатори и гаражи.

Во мај, портпаролот на Армијата на спасот, соопшти дека на улиците во јужниот дел од градот, има луѓе кои живеат во секоја гаража. Последните државни истражувања покажаа дека цените за сместување во земјата пораснаа за 12,4 отсто во мај, на годишно ниво.