Гостиварските средношколци „на муабет“ со Самуел Жбогар, го прашуваа за климатските промени и Брегзит

Климатските промени, миграцијата, Брегзит, како и интеграцијата на нашата држава во Европската Унија, беа само дел од темите на кои 30-тина средношколци од Средното економско општинско училиште во Гостивар вчера разговараа со евроамбасадорот Самуел Жбогар.

„Поддршка“, „интегритет“, „слобода“, „моќ“, „еднаквост“, „обединетост“, „заедништво“, ова се неколкуте клучни зборови кои им доаѓаат на памет на гостиварските средношколци кога ќе се спомене Европската Унија. Евроамбасадорот вели дека после секоја ваква дискусија се чуствува инспирирано и добро, кога зборува со деца, за кои што вели, размислуваат глобално.

„Во сите училишта каде што бев, го поставува истото прашање, и ги запишував одговорите, има слични одговори. Неверојатно е, кога прв пат го поставив прашањето, ве потценив бидејќи мислев дека луѓето асоцираат на Брисел, Могерини, Хан, преговори… Но, всушност, сите вие, вклучувајќи ве и вас денес, ги поентиравте вредностите на Европската Унија“, објаснува Жбогар.

По неговото кратко излагање за историјата и значењето на Европската Унија, средношколците имаа можност да му постават прашање на евроамбасадорот.

„Земајќи ја во предвид ситуацијата со Брегзит, што ве прави вас, како претставник на ЕУ, толку сигурен дека дека другите држави во иднината нема да го направат истото?“, праша еден од средношколците.

Жбогар вели дека дискусиите за Брегзит ја зајакнале Европската Унија уште повеќе.

„Мислам дека Брегзит, всушност, им помогна на другите држави да сфатат што е важно за нив, за сите, да бидат дел од Европската Унија, и колку се сите силни заедно внатре. Веројатно, кога ќе ги видиме ефектите од Брегзит на Обединетото Кралство, откако заминаа, паѓањето на бруто домашниот производ и проблемите кои би ги имале, мислам дека уште повеќе ја соединивме Европската Унија. На друга страна, има неколку држави кои бараат да влезат во ЕУ, така што, ЕУ се уште е витална, очигледно, државите ја гледаат ЕУ како цел. Како што кажа Могерини, има повеќе ентузијазам за ЕУ, надвор од ЕУ, за разлика од внатре во ЕУ, тоа е поради што, во последните години беше Брегзит, мигрантската криза, и тоа отвори многу прашања за ЕУ,  но, мислам дека сме над тоа“, додава Жбогар.

„Како што знаете, во следните 30 години, се очекува 1.5 милијарди луѓе дека ќе бидат раселени поради климатските промени. Колку е спремна ЕУ да се справи со раселените луѓе поради климатските промени?“, гласеше прашање на друга средношколка.

„Како сме спремни да се справиме со тоа? Не сум сигурен дека сме. Тоа што сме спремни да се справуваме со климатските промени е намалувањето на CO2 емисиите. Но, не гледам дека веќе имаме план како би помогнале на раселените луѓе. За наредната седница на Европската Комисија знам дека енормно ги зголемивме средствата за хуманитарна асистенција за итни ситуации. Мислам дека од 1 милјарда на 7 милјарди евра се прецизно наменети за ова, затоа што се очекуваат се повеќе и повеќе природни непогоди, како што веќе гледаме околу светот, а на се повеќе и повеќе луѓе им треба помош“, одговори Жбогар.

По дискусијата, средношколците заедно со евроамбасадорот, се упатија на еко-акција, во која го чистеа ѓубрето во околината на училиштетo.

M.K.