Гитаристката Јаси Хофер на 5 април во Скопје

Во МКЦ ресторанот во четврток (5 април) со почеток во 21 часот ќе настапи Јаси Хофер, 25-годишната гитаристка од Германија, која ќе го промовира својот нов албум „Faith“. Настапот во Скопје е во организација на 3Гонга, како дел од големата европска турнеја на Хофер.

Нејзин прв инструмент била виолината, но на 12 години одлучува дека електричната гитара  е инструментот што сака да го освои. Само неколку месеци откако почнала да зема часови по гитара, нејзиниот професор ја запознава со легендарниот гитарист Стив Ваи. Со тоа, за Хофер се отвора сосема нов свет.

„Инспирирана од својот нов и единствен идол таа почнува да ги свири, вежбајќи ги неговите песни и по 10 часови на ден. Нејзините музички обиди таа јавно ги објавува на ју тјуб и тоа и донесува милиони кликови и импресии и секако вниманието на самиот Стив Ваи. Во 2007 година, Стив јa поканува Јаси да настапи со него на сцена во нејзиниот роден град Улм да ја отсвират заедно неговата песна ‘Answers’“.

Јаси Хофер

„Таа доживува голем успех со ова појавување и веднаш потоа добива покана од дискографска куќа да го сними нејзиниот прв ЕП. Таа го напушта училиштето и добива шанса да студира музика во Штутгард. По само 3 семестри добива стипенија за го продолжи своето школување на прочуениот Беркли колеџ за музика во Бостон. По нејзината наобразба се враќа во Германија и го издава нејзиниот дебитантски албум со наслов „Yasi“ во 2014 година“, вели организаторот 3Гонга.

Денес  Хофер патува низ светот и ја промовира својата музика со нејзиниот бенд делејќи ја сцената со музички артисти како „UFO“, Крис Томпсон, Стив Ваи, Савои Браун, Хелмут Хатлер, Гил Офарим и Нил Јанг.