Ги купуваат за 30, ги продаваат за 1.000 евра – Откриен синџир за криумчарење кученца во Италија

Италијанката полиција откри синџир криумчари на кученца, кои нелегално ги увезувале животните во земјата од фарми со нехуман пристап кон животните од Словачка и потоа ги продавале со фалсификувани педигреа.

Полициската истрага открила дека групата плаќала меѓу 30 и 100 евра за секое кученце, а потоа ги препродавале во Италија по цени од 1.000 до 1.800 евра, пренесува Еуроњуз.

Полицијата од градот Римини, кои ја предводеле истрагата, соопштила дека групата била специјализирана за нелегален увоз на миленичиња во Италија со посебен фокус на француски булдози и мали пудлици.

Групата имала оперативна база во Словачка од каде италијански државјани ги земале кученцата од фармите.

Полицијата нашла и докази дека луѓе кои не биле ветеринари ставале на кученцата микрочипови купени од Азија, додека се изработувала и лажна документација како педигреа.

Според полицијата од Римини, криумчарската група заработила преку 1 милион евра од нелегалните активности.