Германските научници бараат одговори за коронавирусот во домовите на заразените

Може ли да се заразите со коронавирус преку користење на количка за пазарување во супермаркет? Или преку допирање на рачките на вратите, или пак далечински управувач?

Овие прашања луѓето често ги поставуваат уште од почетокот на ширење на новиот вирус.

Научниците засега доаѓаат до различни заклучоци, но германски тим се обидува да најде одговори во најпогодените подрачја во државата од коронавирусот, пишува порталот „Локал“.

„Засега трансмисијата на вирусот во супермаркети, ресторани или фризерници не е докажана“, објаснува Хендрик Штрек, директор на Институтот за вирологија на Универзитетот во Бон.

Наместо тоа, тој објаснува дека најголемите зарази се случувале како резултат на блиски контакти во подолг период.

Како пример, тоа било демонстрирано со големо ширење на вирусот при забавите во ски-центарот на австрискиот Ишгл, на фудбалските натпревари во Бергамо, Италија, или пак на карневалската прослава во општината Гангелт од провинцијата Хајнсберг во Северна Рајна-Вестфалија.

Епицентарот во Германија

Хендрик Штрек, директор на Институтот за вирологија при Универзитетот во Бон

Токму Хајнсберг се смета за епицентарот на ширењето на коронавирусот во Германија, откако двајца заразени лица со Ковид-19 биле на карневалската прослава во февруари, по што болеста се проширила во провинцијата.

Вирологот Штрек, заедно со тим на медицински студенти, сега подготвуваат пионерско истражување токму во оваа провинција, со цел да расветлат одредени прашања околу начинот на ширење на коронавирусот.

„Истражувањето се нарекува „Ковид-19 студија на кластер случаи“ и почна на 31 март. Тимот на Штрек врши интервју на пациенти со цел да ја идентификува можната поврзаност со хронични болести и да создадат препораки за превенција за целата германска и европска популација“, соопштија од регионалната влада на Северна Рајна-Вестфалија.

Научниците планираат да влегуваат во домовите, училиштата и болниците и да проучат како вирусот влијае на секојдневниот живот, истражувајќи и како тој се шири на разни површини, мобилни телефони, рачки од врата или далечински управувачи.

„Провинцијата Хајнсберг е идеална ситуација за барање одговори за останатиот дел од Германија“, вели Штрек.

„Нема докази за живи вируси на површини“

Првичните истражувања и анализирање на домовите во Хајнсберг веќе покажале некакви индикации за тоа како се однесува вирусот.

Штрек, објаснува дека успеале да го детектираат коронавирусот преку земање брисеви од далечинските управувачи, лавабоата, мобилните телефони, тоалетите или рачките од вратите, сепак тие не успеале да го култивираат вирусот во лабораторија од овие примероци.

„Тоа значи дека ние детектиравме РНК (рибонуклеинска киселина, која ја содржи генетската информација на вирусот) од „мртви“ вируси“, вели Штрек.

„Бевме во домаќинства каде живееле многу високо заразни луѓе, и сепак, не успеавме да забележиме жив вирус на ниту една од површините“, додава Штрек.

Повикувајќи се на претходните истражувања, тој верува дека преку кваката може да се шири вирусот доколку некој всушност искашлал во раката пред да ја допре рачката.

„Потоа вие треба да ја допрете рачката па да го допрете лицето. Сè уште не е можно да се утврди колку долго вирусот се задржува на кваките бидејќи нема доволно студии за тоа.

Различни откритија за ширењето на коронавирусот

Германскиот Федерален институт за оцена на ризик анализирале дека стабилноста на коронавирусите во околината зависи од многу фактори, како температура, влажност и состојбата на површината.

Според моменталните студии, тешко веројатно е дека увезените производи, како храна или играчки, компјутери, облека можат да бидат извор на инфекција со вирусот.

Од Институтот потенцираат и дека досега не е докажана инфекција преку контаминиран предмет.

Експертите од американскиот Институт за здравје и од Агенцијата за контрола на епидемии, сепак, заклучиле дека коронавирусот може да преживее до три дена на пластика или челик, 24 часа на хартија и до три часа во аеросоли.

Сепак, од Институтот „Роберт Кох“ посочуваат дека научни студии на оваа тема се извршени во експериментални услови и не го одразуваат реалниот ризик за трансмисија во секојдневниот живот.