Гасоводот и пошумувањето на Водно закочени, активистите лути на нивото на заштита на Парк-шумата

Планинарите и рекреативците летово повторно се на Водно. Всушност, таму се низ поголемиот дел од годината, во природно опкружување, надвор од урбаниот метеж. Планинарска патека од кај бункерите ги водеше кон Матка низ живописна шума. Сега таа е изоран друмски пат, со срушена табла, со попатни остатоци од расфрлани камења и дрвја. Значаен дел од планината долго време е претворена во градилиште. Плус има нов степен на заштита на Водно и нереализирано пошумување кое ги разлути активистите. Изведбата на гасоводот запре, иако требаше да заврши до крајот на 2019 година. 

Според „О2 Иницијатива“, ваквото градилиште е „сведок на болните желби што побрзо уништување и сечење без размислување“.

Активистите сметаат дека Водно паднало како колатерална штета на политички игри и манипулации за се’ уште нефункционален гасовод.

Поранешната планинарска патека која од месноста кај бункерите продолжуваше кон Матка низ шума, фото: О2 Иницијатива

„А, денес: нема ни гасовод, ни шума, само горко чувство на прелажани граѓани. ‘Два пати мери еднаш сечи’ кај нас не важи. Брзаа што побргу да ја покажат решеноста дека гасоводната траса, кракот до западниот дел на Македонија (и према Косово) – еколошкиот проект кој ќе не’ спасеше од загадувањето, мора што побру да се реализира и тоа мора да биде токму низ Водно. Иако постоеја и други опции, кои водеа покрај обиколницата, на полесниот терен и брз и пристапен пат во непосредна близина, надлежните си се разбраа дека оваа опција им е поефтина и побрза – низ државно земјиште и 5 деценска шума – парче од белите дробови на Скопје. Затоа што здравјето на граѓаните, нели, нема цена“, реагираат од „О2 Иницијатива“.

За ситуацијата на терен се обративме до директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи. За пролонгирање на гасоводната траса Скопје – Тетово – Гостивар лоцира проблем во Сопиште. Локалците се спротиставиле со петиција. Собрале околу 1.300 потписи, барале да се смени трасата и да не оди крај гробиштата.

„Таму не попуштија во никој случај. Долго време разговаравме, преговаравме, имавме 20-30 состаноци со нив. И, имавме информација до Влада, па Владата одлучи да ја смениме трасата. Целата друга делница на Водно е скоро завршена, но нема техничка можност да направиме хидротест“, вели Реџепи.

Втората причина за одложувањето, тврди тој, е поради проблем од другата страна на Водно, кај Шишево. Таму имало голем наклон. Кога ја стесниле трасата на 10 метри, веќе не можеле по иста методологија да се инсталираат цевките.

Табла на „Рапид Билд“, изведувачот на гасоводот на Водно, фото: 02 Иницијатива

„Требаше да се смени методологија, да одобри надзорот… Но, тоа е при крај. Брзо ќе заврши, за да се направи хидротест на целата делница. Затоа имаме застој за враќање во првобитната состојба“, тврди Реџепи, дополнувајќи дека за корона-кризата имало „парализирана администрација“ и дописи и преписки меѓу 24 институции.

Реџепи дојде на управувачката позиција во НЕР (бившо МЕР) во април 2018 година, а гасоводот требаше да финишира крај на 2019. Се жали дека во 2016, кога беше формирана техничка Влада, било изумено да се одвојат средства за експропријација.

„Замислете, потпишан договор (за гасоводот н.з.) 2016, а една година воопшто не почнува експропријација. Така не можеш да работиш низ приватни парцели. Почнавме некаде 2018, кога бев назначен за директор. Нормално дека се пролонгира рокот за завршување. А, реално, сите го чекаме гасот, бидејќи ќе биде поевтин и поеколошки“, вели тој.

Водно ќе добие V степен на заштита, помала од IV-та категорија на паркот Гази Баба 

Случувањата со гасоводот и бројни градежни активности поттикнаа потреба за поголема заштита на Парк-шумата. И од аспект на ерозии, заштита од поплави, но и зачувување на шумскиот фонд и да се стави крај на урбанистичките налети што ги доживува планината под која живее скоро пола Македонија.

Советот на Град Скопје, во април на вонредна седница под отворено небо, со советници со маски, изгласа одлука за прогласување на парк-шумата Водно за заштитен предел од V категорија. Тоа значи, пониска заштита од националните паркови (II степен), од Матка која е III категорија – Споменик на природата, и пониска од Гази Баба – IV степен Парк на природата.

Град Скопје на 29 април за ваквата одлука испратило допис до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Од таму, пак, соопштуваат дека предлогот се засновал на Студијата за валоризација, комуникација на експертски тим со засегнати страни, анализа на плановите за развој и искористување на природните ресурси, големина на подрачјето, населението и нивните потреби.

Фото: МЖСПП, Александра Чаминска

Ваквиот V степен на заштита, МЖСПП го карактеризираат дека „најдобро ја отсликува специфичната интеракција на луѓето и природата на Водно и дека е во согласност со IUCN стандардите“.

Оттука, МЖСПП врз основа на Студијата и Законот за природа, изработило „Информација за потребата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од V категорија и Одлука за прифатливоста на предлогот“.

Тоа е доставено до Влада и други институции за разгледување. Постапката вели: по донесување на Одлуката, ќе следува јавно расправа по предлог актот. Тој предлог акт ќе биде поставен на ЕНЕР, а на крајот – конечен акт што повторно оди до Влада за разгледување и усвојување.

„Со оглед што Студијата на Град Скопје предлага степен на заштита во категоријата V-заштитен предел, за неа не е потребно донесување на закон за прогласување, туку само одлука на Владата, по предлог на Министерството“, соопштува МЖСПП.

„Го сакам Водно“ смета дека ова е спротивно на барањата на активистите и јавноста, и што беше најавувано уште пред 2 години – посебен закон за Водно.

Според Татјана Стојановска, сите изјави и одлуки на Владата имаат само декларативно значење и никаква тежина, иако тоа е највисок управен орган во државата.

„Одлуките кои ги донесе Владата налагаа носење закон за Водно, а не акт на што се сведе целата процедура која ја реализира Градот заедно со претставниците на УНДП кај нас. Самиот градоначалник беше тој кој вети lex specialis за Водно, а со студијата која ја спроведоа се овозможи не само да нема lex specialis, туку заштитата на Водно да се сведе на обична фарса за заштита на можностите за понатамошно градење и уништување на зелениот појас на Водно. И покрај две расправи одржани под организација на Град Скопје на кои се укажа на бројните недостатоци во Студијата за валоризација на Водно, забелешките испратени до подготвувачите на законот останаа игнорирани. На овој начин се руинира и гази целиот труд на минатите генерации кои овозможиле Водно да биде зелено бегство од градот и негов заштитен појас. Нема да запреме во нашата борба, иако се’ досега укажува дека институциите се само декор за реализација на акти кои ќе овозможат да во законски рамки се реализираат зафати погубни за Водно, но поволни за профит“, вели активистката од „Го сакам Водно“.

Од УНДП, кои го тераа проектот за заштита заедно со Град Скопје, велат дека и одлуката на Влада за Водно, е на ниво на закон.

„И таа излегува во Службен весник, си има членови. Со тоа што, се знае кои категории се заштитуваат во Собрание, кои во Влада, кои на ниво на општина. Согласно категоријата, ова ќе биде прогласено на повисоко ниво – во Влада. УНДП го водеше процесот, а Град Скопје помагаше во оваа активност (за Водно н.з.). Сега сме и во финална фаза и со Матка, се завршува и таа Студија за валоризација. Нашиот став е дека треба да има заштита. Затоа ги помагаме и Град Скопје и општина Сарај и МЖСПП за да се подготват документите за нивно прогласување“, вели Методија Саздов од УНДП.

Од Град Скопје не ни вратија одговор дали за постапката за заштитата се вметнати забелешките од активистите и експертите, со оглед што на расправите проблематизирани беа границите на Парк-шумата и безбедносниот аспект.

„Го сакам Водно“ укажа на долгогодишни неодговорни политики кон Водно и дека со поместувањето на границите се дава лош пример, поврзан со урбанизација. Плус, Крушопек и Шишево виреат објекти легализирани преку „едно евро по квадрат“, јавноста беше револтираа за Шпанското село во Карпош, а контроверзниот Сончев град никогаш не се изгради, иако остави лузни врз шумскиот фонд.

Исто така, еко-активистите се загрижени дека со несоодветна заштита би се отворила „рампа“ за хотели, ресторани, дивоградби, пристапни патишта, додека веќе постоечки објекти како Поштенскиот дом, детското одморалиште, етно селото – не функционираат.

Што е со најавеното пошумување на Водно?  

По притисокот од јавноста, за да се компензираат штетите од гасоводот врз Водно, Владата летото 2018 година одобри 700.000 евра за пошумување. На 22.08.2018 беше направен договор меѓу МЕР и Град Скопје, на кој преку наменска сметка му беа префрлени парите за ревитализацијата на парк-шумата.

Она што беше спорно, е што градоначалникот Петре Шилегов на двегодишниот отчет кажа дека околу 290.000 од тие 700.000 евра ќе се искористат за нов туристичко-рекреативен центар со видиковци, урбана опрема, вело-патеки, зип-лајн и адреналински парк. Проектот за „натурализација“, како што го нарече градоначалникот, тогаш го вреднуваше 450.000 евра, пари што би се обезбедиле од разни извори. За ваквите замисли Град Скопје веќе спроведе и тендер од околу 20.000 евра, а „ЈУМАК-Киро“ ДООЕЛ беше избрана да направи Студија за туристичко-рекреативен центар.

Слика – Предложено авантуристичко подрачје на врвот, од предлог-Студијата „Идејно решение за планината Водно“

„Го сакам Водно“ и директорот од МЕР изразија загриженост за ваквите намери. Потоа, Шилегов демантираше дека од Владата барале пренамена на средствата, уверувајќи дека „парите за ревитализација ќе одат за ревитализација“.

Ако се погледне предлог-Студијата „Идејно решение за планината Водно“, во делот „Обем на инвестицијата и фази“ се проценети 1.915.000 евра за разни содржини. Според проекциите, активности би се одвивале во три фази, од 2020-2023 година. Останува нејасно кога и што би се реализирало, и дали и колку од парите за пошумување би оделе за туристичко-рекреативните содржини.

Игор Велјанов, директорот на претпријатието „Паркови и зеленило“ што раководи со Парк-шумата, тврди дека работна група изработила План за пошумување. Но, за понатамошни информации не’ испрати до Град Скопје, од каде изостанаа податоци за ревитализацијата, но и за финансиската конструкција и туристичко-рекреативните планови.

Се обративме и до Шумарски факултет. Шумарски експерти беа вклучени во Планот за пошумување, a деканот Кирил Спировски вели дека Планот бил на ограничена површина, на мал број хектари. Ситуацијата и динамиката на работа се менувале со тек на време, а кога настана коронакризата – пошумувањето е закочено.

Тоа го потврдува Бојан Симовски од Катедрата за ботаника и дендрологија. Има застој во работата, вели тој, а годинава немале состанок со надлежните од Град Скопје. Од нивна експертска страна, пошумувањето било соодветно смислено, но требало да се додефинираат и формалности во поглед на ангажманите.

„Од наша страна, практично, направивме пионерски чекори во изборот на видови (на садници н.з.). Пионерски од аспект на нашата досегашна работна пракса. Едните видови (садници) досега одлично се покажаа, а другите се за да опфатат и пошумување, оззеленување, па дури на места и збогатување на постојното зеленило. Односно, од инвазивни видови да се добие поквалитетно пошумување. Се обидовме да опфатиме три различни аспекти од понуденото за оззеленување. Тој што е нарачател, тој треба да ја турка работата. Ние сме тука да понудиме стручност, услуги, но не сме задолжени за владение на просторот“, забележува Симовски.

„Го сакам Водно“ се револтирани. Констатираат дека, до ден денес, нема ниту официјален План за пошумување, ниту пак  е стартувано пошумувањето.

„Повторно игнорирање на граѓанскиот сектор од Градот. (Има) најави за пренамена на средствата, средства кои, иако градоначалникот милува да каже дека тој ги обезбедил, беа доделени со притисок токму на граѓанскиот сектор поради штетата која се случува со копањето на трасата на гасоводот на Водно“, вели Стојановска од „Го сакам Водно“.

Бојан Шашевски