Гардијан: Унгарските новинари признаваат своја улога во креирање атмосфера на страв од мигранти

Главен уредник на државната телевизија во Унгарија се израдувал по телефонски повик во неделата навечер. Нешто подоцна неговите вработени сфатиле што била содржината на разговорот – Виктор Орбан обезбедил убедлива победа на парламентарните избори.

Орбан и неговата партија Фидез остварија трета победа по ред, освојувајќи двотретинско мнозинство во унгарскиот парламент, по кампања која главно се водеше на анти-мигрантски пораки. Меѓународните набљудувачи подоцна упатија негодувања за кампањата со „заканувачка и ксенофобична реторика“ и посочија дека јавниот телевизиски сервис „јасно ја фаворизираше владеачката коалиција, спротивно на меѓународните стандарди“.

Новинари на Гардијан разговарале со неколку вработени во државната МТВА телевизиска мрежа околу начинот на кој телевизијата ги пласирала владините пораки, а повремено и лажни вести, со цел да се добие поддршка за премиерот и неговата анти-имиграциска платформа.

Новинарите се присетувале како телевизијата се фокусирала на негативни вести околу бегалците и мигрантите, поврзувајќи ги со криминал и тероризам. Дури и на изборниот ден, тоа продолжувало. Каналот М1 лажно известиле дека комбето кое удри во луѓе во германскиот град Мунстер бил исламски терористички напад.

„Никогаш не сум доживеал ништо слично на тоа, дури и во МТВА. Тоа беше чиста лага“, вели еден од новинарите кој барал да остане анонимен.

Пораката на владата дека милиони опасни мигранти чекаат да влезат во Унгарија била засилена преку телевизиските екрани и низ илјадниците билборди поставени низ државата. Џорџ Сорос, кој инвестира милијарди долари во промоција на граѓанското општество во централна и источна Европа, е посочен како дел од заверата со Брисел и унгарската опозиција за уништување на државата со дозвола за влез на странци.

„Мислам дека тоа создаде атмосфера на страв. Се создаде „Павлов рефлекс“ за зборовите како опасност, тероризам, мигранти, опозиција, Сорос и Брисел“, додава новинарот.

Телевизиските програми постојано ги повторувале архивските снимки од 2015 година кога мигранти се движат низ Будимпешта, судири меѓу бегалци и полицијата на унгарско-српската граница и од терористички напади низ Европа.

„Толеранцијата редовно се критикува, додека анти-имиграциските чувства се прикажани како единствено точно мислење“, вели новинарот.

Сторијата на Гардијан посочува дека новинарите сметаат дека анти-мигрантските пораки често доаѓале директно од власта. Луѓето кои работат на вестите во кои е вмешан Орбан често добиваат листа на зборови кои треба да ги искористат.

„Понекогаш уредникот ќе дојде во канцеларијата додека зборува на телефон и ќе ни ја издиктира целата вест, збор по збор. Ние не знаеме кој е на другата страна од телефонската линија“, вели друг новинар од јавниот сервис.

Документи испратени по грешка до помлади новинари на телевизијата, во кои Гардијан имал увид, покажуваат директна владина вмешаност. Директивите за уредниците се направени од соработниците во канцеларијата на премиерот се со насоки кон новинарите за тоа како да извршат лично етикетирање на граѓаните кои се отворено критични кон власта. Една од директивите била насочена кон активистот Мартон Гулаш, додека друг бил фокусиран на Сорос.

Портпаролот на Орбан запрашан за директиви кон медиумите изјавил дека владата нема контрола врз медиумите. Од МТВА не одговориле на прашањата на Гардијан. Државната телевизија има годишен буџет од околу 80 милијарди форитни (260 милиони евра).

Новинарите во сторијата на британскиот весник велат дека се одлучиле да проговорат поради совеста за пристојност и вистина, а некои од вработените во државниот телевизиски сервис веќе размислуваат за оставки по изборниот резултат.

„Се чувствувам ужасно, бидејќи увидов дека можеме и успеавме да влијаеме на луѓето. Некои од нас се убедуваа самите себе дека никој не нè гледа, дека не сме битни. Се покажа дека сме битни – ужасно“, заклучува еден од новинарите.