[Галерија] Тома Димовски преку „Кодирање“ прашува: Што е со магијата во гледањето уметнички дела во живо?

Во Музејот на Македонија денеска од 13 часот беше отворена изложбата „Кодирање“ на Тома Димовски, во соработка со Партизанска штампа. „Кодирање“ е збирка од повеќе различни уметнички дела на Димовски.

Тој потенцира дека денес секој може било за која слика да направи код, а и самата вештачка интелигенција може сама да прави слики по кодови.

„Но што се случува со магијата која ја има гледањето на уметничките дела во живо? Дали дигитализацијата ја банализира уметноста или овозможува да биде подостапна? Дали дигитализацијата го избанализира животот воопшто, сведувајќи ги емоциите на кодови?“, вели Тома Димовски.

Велимир Жерновски во кураторскиот текст кон „Кодирање“, посочува дека неслучајно самиот наслов на овој текст наликува на почеток.

„На почеток на некоја промисла, некое писание кое треба да одгатне некаква вистина, некакво чувство за некого. За некој друг, за некој во трето лице, за некого кого би го познавал, кој би го коментирал, кој би го опеал или толкувал во кураторски текст. Текст кој би се обраќал на колегата, на уметникот кој претставува свое дело пред јавноста. Ова во никој случај не е таков текст. Ова по ниту едни стандарди не би посакал да биде таков текст. Невозможно е да се ставам во рамка од кој било аспект пишувајќи ги овие зборови, а да размислувам за Тома“, нагласува Жерновски.

Тој вели дека можеби ова е констатација која би можел да ја прогласи. Пред себе, пред другите, пред оние што тврдат дека го познаваат Тома. Пред оние што очекуваат преку ова јавно изложување да го запознаат Тома.

„Да бевме ‘на друго место’, можеби мојот обид да размислувам за делото на Тома ќе имаше некоја чудна но последователна нарација. Можеби би можел, во некој таков контекст, да го доведам овој текст до некаква ‘надреална’ позиција, која би оправдала наративи што излегуваат од можеби сите воспоставени рамки кога се промислуваат уметноста и уметникот во релација со уметноста и во релација со јавноста“.

Но, вели Жерновски, за некое чудо, Тома ги оневозможува овие концепти. Не затоа што во својата природа, во која може да проникне, Тома е другоста наспроти сите нас, туку, вели тој, затоа што Тома е сите нас.

„Сите во едно навидум кршливо тело и ум кој продира универзуми. Зрелоста која тој ја носи ме остава занемен уште од деновите кога го запознавав… и запознавам. Процес кој тешко дека некогаш ќе можам да го сместам во папките на времето“, стои меѓу другото во кураторскиот текст на Жерновски.

Бојан Шашевски