[Галерија] Сликите на најстарата уметница во Австралија

Австралиската уметница со домородно потекло Лунгкунан е доказ дека возраста не е важна во уметноста. Таа создава уметнички дела за кои била наградувана после 100-тиот роденден.

Уметницата е родена на ранч околу 1910-тите и се верува дека е една од најстара сликарка во Австралија.

Како матријарх во областа Нјикина, Лунгкунан вели дека кога таа се родила, никој не се грижел за пријавување на раѓањето и смртта на домородните луѓе, или пак да ги учи да читаат и пишуваат.

Таа одбива да го користи нејзиното „белечко“ име Дејзи, кое ѝ било дадено додека работела на ранчот. Почнала да слика во 90-тите години од својот живот „за да ѝ поминува времето“.

Таа е најстара личност која го разбира загрозениот јазик Нјикина. Младоста ја поминала истражувајќи ја земјата пеш со своите баба и дедо, учејќи за животните и растенијата. Вели дека тоа ја инспирирало нејзината уметност.

„Сѐ уште уживам да пешачам во мојата област, да им покажувам на младите како да ловат гоани (вид гуштер) и риби. Во моите слики ги прикажувам сите видови на животни со кои се прехранувавме. Ја сликам областа Нјикина на истиот начин на кој орлите ја гледаат земјата кога се високо во небото“, вели таа.

Сопственичката на Indigenart-Mossenson Galleries, Даен Мосенсон, која го купила првото дело насликано од Лунгкун, вели дека уметницата го користи сликањето како начин да ги зачува сеќавањата и знаењето за нејзината земја. Преку традиционалната уметност на Абориџините, таа го документира својот живот и поврзаноста кон областа во која пораснала, заедно со знаењето за секакви растенија, лековити билки и животни.

Лунгкунан има насликано околу 380 слики, за кои користела акрилни бои на платно и лен. Сѐ уште слика и нема намера да престане. Моментално нејзините дела се изложени на Биеналето во Аделаида и Австралиската амабасада во Вашингтон, со што го шири своето знаење на поширока публика.

Извор: Mashable