Во британскиот град Хал изминатиот викенд, околу 3200 сосема голи демонстранти се собраа на улиците, обоени во сино. Масовната уметничка инсталација е дело на американскиот фотограф Спенсер Туник, на барање на локален музеј да создаде едно од неговите иконични дела.
Туник побарал волонтери да учествуваат во визуелниот проект, чија цел е да го сврти вниманието кон растечките нивоа на водата предизвикани од климатските промени.
„Идејата е дека телата и човештвото ги поплавуваат улиците“, вели Туник.
A photo posted by Freedom Festival (@freedomfesthull) on
Протестот-инсталација започнал ранонаутро во саботата, кога волонтерите се соблекле и ги обоиле своите тела со четири нијанси на сино, избрани и поделени од фотографот и неговиот тим.
„Ова е најмалку сексуалното нешто што сум го видел во мојот живот. Голи сме, но тоа не е важно. Еднакви сме. Големи луѓе, мали луѓе, сите бои, различни животни приказни“, вели Степан Јансен, 80, кој има учествувано во многу проекти на Туник.
Фотографиите ќе бидат изложени во локалниот Музеј на уметност Ференс идната година, кога Хал ќе го прослави назначувањето за Град на културата во Обединетото кралство за 2017 година.
Извор: TIME