[Галерија] Цитати од познати македонски автори прикажани преку видеопроекции за Денот на македонскиот јазик

Како дел од програмата за одбележување на Денот на македонскиот јазик, синоќа преку видеопроекции на скопското Кале, Собранието, Самоиловата тврдина во Охрид, Спомен домот „Блаже Конески“ – Небрегово, Офицерскиот дом во Битола, СОУ „Јане Сандански“ – Струмица, Црквата „Свети Никола“ во Крушево и на Спомен-костурницата во Велес беа прикажани цитати од познати македонски автори.

„Цитати кои будат длабоки чувства за македонскиот идентитет, литература и култура, за нашата самобитност, гордо и моќно се испишани преку видеопроекции на повеќе објекти во државава, а се од Блаже Конески, Крсте Петков Мисирков, Григор Прличев, Константин Миладинов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Ацо Караманов, Ацо Шопов, Видое Подгорец, Лазо Каровски, Влатко Стефановски, Тоше Проески и Весна Малинова“, истакнаа од Министерството за култура.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека мисли и стихови на повеќе генерации дејци и писатели се вклопени во една приказна преку која се создава слика за македонската историја.

„Проектот се одвива на  атрактивни локации, а со него дадовме нов современ приод во остварување на аманетот кој го имаме-да го чуваме, негуваме и афирмираме македонскиот стандарден јазик, зашто е тој нашиот дом, нашиот идентитет“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Проекциите, како што велат од Министерството, се завршен дел од нивната целодневната програма кои со низа разновидни настани и панел-дебата го одбележа Денот на македонскиот јазик.

фото: Министерство за култура

фото: Министерство за култура

фото: Министерство за култура

фото: Министерство за култура

фото: Министерство за култура