Фридом хаус: Mедиумите во Македонија не се слободни

Во најновиот извештај на влијателната организација Фридом хаус за слободата на печатот, Македонија, од групата делумно слободни, падна во групата неслободни земји, што е прв пат земјава да биде ставена во група со земјите во кои владејат авторитарни режими и во кои нема слобода на медиунмското изразување.

Како што се објаснува во извештајот за Македонија, падот е поради „обелоденувањето на масовно и нелегално прислушување новинари од страна на владата, корупциските врски меѓу функционери и сопственици на медиуми, како и зголемените закани и напади врз медиумски работници“.

Всушност, Македонија е единствената земја во Европа, заедно со Турција, Белорусија и Русија, која е во групата неслободни земји. Сите други земји во регионот се во групата делумно слободни. Исто така, Македонија е една од земјите кои минатата година забележале најголем пад, во друштво со: Турција, Бангладеш, Бурунди, Франција, Србија, Јемен, Египет и Зимбабве.

Нападите врз новинарите во Западен Балкан придонесоа за севкупниот пад на слободата на медиумите во регионот.

„Македонија беше причина за извесна тревога по откритијата дека владата прислушувала, а она што ние, исто така, го видовме во Западен Балкан, е насилството врз новинарите и во земји како Хрватска, каде што порано немаше таков висок степен на насилство, како на пример во Црна Гора“, изјави за РСЕ Елен Агекијан, истражувачки аналитичар во Фридом хаус.

Нападите и смртните закани во Македонија и Босна и Херцеговина, исто така предизвикуваат загриженост, со бројни прекршоци извршени против новинарите кои ја истражуваат корупција во власта.