Француското село Сена Порт гласаше за забрана на „скролање“ на мобилен во јавност

Селото Сена Порт во областа Сена Марна што се наоѓа јужно од Париз, со популација од помалку од 2.000 луѓе минатиот викенд на референдум гласаше „за“ ограничување на користењето на паметните мобилни телефони во јавност, пишува „Гардијан“.

Ограничувањето подразбира на возрасните и децата да им биде забрането да „скролаат“ на телефон додека се шетаат, додека седат во парк заедно со други луѓе, во продавници, кафулиња, додека јадат во ресторан и додека ги чекаат своите деца пред училиште. Тие што сакаат да ја проверат мапата за тоа во кој правец треба да се движат, се охрабрени да се консултираат со други луѓе за насоки.

Селото исто така утврди повелба за семејствата наменета за децата кои се пред екраните во текот на целиот ден. Повелбата гласи: никакви екрани наутро, никакви екрани во спланите соби, никакви екрани пред легнување ниту додека децата јадат.  Ако родителите на тинејџерите потпишат согласност да не му купуваат паметен телефон на детето пред да наполни 15 години, општината ќе обезбеди „старомоден“ телефон наменет само за јавување.

„Сосема го поддржувам ова. Некои велат дека е напад на нашата слобода, но не се согласувам. Се работи за подигнување на свеста за влијанието што телефоните го имаат врз нашите животи. Моето едногодишно дете воопшто не гледа во екран. Моето четиригодишно дете нема дозвола за телефон за време на работната недела и дозволено му е да користи телефон само на кратко додека другото спие. Многу деца и возрасни се опиени од телефоните – дури може да видиме и бебиња во колички кои ‘скролаат’ на екраните. Оваа мерка служи за замена на тоа со повеќе човечка комуникација. Пред да имам деца телевизорот нонстоп ми беше вклучен во позадина, сега никогаш не го вклучувам“, изјави Лудивин, 34-годишен жител на селото.

Вкупно 277 луѓе излегле да гласаат за мерката, што е 20% од избирачкиот список – со 54% „за“ воведување на мерката. Градоначалникот Винсент Пол-Петит од десничарската партија „Les Républicains“ ќе објави општински декрет за користење на мобилните телефони, прв од ваков вид во Франција.

Доколку не се почитува ова правило, полицијата не може да ги казни граѓаните затоа што нема национален закон против употреба на телефоните на улица, но градоначалникот го опишува како поттик да се запре „скролањето“ и да се ограничи употребата на телфоните. Дуќанџиите исто така се повикани да залепат стикери со слика од мобилен телефон и црвена линија преку него преку што ќе ги замолат луѓето да не ги користат своите мобилни телефони додека пазаруваат.