Фотограф успеа да слика недопрено амазонско племе

Фотографот Рикардо Стукерт фотографирал недопрено амазонско племе откако неговиот хеликоптер променил правец за да избегне невреме и случајно прелетал над нивното живеалиште.

„Го зедов фотоапаратот и почнав да сликам. Немав премногу време да мислам што се случува“, изјавил Бразилецот.

За Стукерт ова било среќен момент. Ги забележал нивните живеалишта додека летал кон Акре, провинција во северозападен Бразил, во близина со границата со Перу, каде што требало да фотографира друга автохтона група, која веќе имала контакт со остатокот на цивилизацијата, за книга на која работи.

На враќање, на 18-ти декември, успеал да фотографира повеќе слики кои се драгоцени во проучување на животот на недопрените племиња. Бразил има околу 80 такви групи, но нивната егзистенција е под голема закана од нелегалната сеча на дрва, рударството и трговците со дрога.

Стукерт бил импресиониран од бојата која на кожата, како камуфлажа, ја имал нанесено еден од луѓето.

„Кога е ладно ние ставаме облека на себе. Тие ставаат боја за да се заштитат. Си помислив – мораш да го фотографираш ова, мора да биде зачувано“, рекол Стукерт.

Три изолирани групи живеат во провинцијата Акре, објаснил Хозе Карлоз Меирелес, експерт по луѓето староседелци од Бразил, кој исто така бил на летот.

„На моменти, мали детали можат да откријат многу. Овие фотографии имаат прекрасни дефиниции и можеме да се доближиме до нив и да ги гледаме деталите“, рекол тој.

Во 2014 година, четврто изолирано племе од провинцијата, Тчапанава, оствари контакт. Некои од нив му раскажале на Меирелес, кој има 40 години искуство со автохтони луѓе, дека помислиле како хеликоптерите се нешто магично, или огромна птица и немале идеја дека внатре имало луѓе додека тој не им кажал.

Меирелес првично видел знаци за племето кое го фотографирал Стукерт на експедиција во 1988 година, а на лет со ББЦ во 2010 година успеал да направи слики од голема висина на нивното живеалиште.

„Користат секири, мачети, тави. Знаат за нашиот свет, но, знаат многу малку од него. Немаат никаква идеја за конфузијата во која се наоѓаме“, објаснува Меирелес.

Тој верува дека има околу 300 луѓе во племето, кои одгледуваат банани, слатки компири, кикиритки и маниока, а исто така, одат во лов и риболов. Бил задоволен што тие изгледаат здраво и покрај грижите во последните години од други групи во околината, особено од перуанската страна на границата. Додава дека никој не го знае името на племето.

„Ги нарекуваме Индијанци од изворот на реката Хумаита. Никогаш не оствариле контакт со никого, немаме поим кој јазик го зборуваат и од каде доаѓаат. И добро е што не знаеме. Денот кога ќе го откриеме тоа ќе почнат нивните проблеми“, смета Меирелес.