[Фото] Зазелени кровот на ГТЦ

Зелениот покрив на Градскиот трговски центар (ГТЦ) кој се простира на 1.800 квадратни метри, од денеска е отворен за граѓаните. Амфитеатралани скали, шаховско поле, урбана опрема и неколку водени зони се дел од кровот на кој се засадени повеќе од 20 дрвја, како и 30 други видови садници средно и ниско зеленило.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов е убеден дека овој простор ќе го заземе своето место во т.н. скопски приказни.

„Мојот императив како градоначалник беше на еден од симболите на нашиот град, симболот на пост-земјотресно Скопје, симболот на модерната – ГТЦ од архитектот Живко Поповски, да му да дадеме една нова додадена вредност. Ново место кое што ќе ги привлекува скопјани, со цел да го заживееме овој дел од градот од една страна. Меѓутоа од друга страна, да овозможиме во рамки на проектот кој што го работиме со УНДП, т.н. термален остров кој што значително ќе ги намали температурите во Малиот ринг“, изјави Шилегов.

Според него, интензивно се враќа зеленилото во Малиот ринг, таму каде што преку 70% било исечено во, како што вели, лудилото на проектот „Скопје 2014“.

„Мојот императив, императивот верувам на сите наши сограѓани е здрава животна средина, чист амбиентален воздух. Со ваквите примери, градот како институција нека предначи, меѓутоа, спремни сме да поддржиме и други вакви иницијативи, од други институции, како што е ГТЦ, од приватни иницијативи, затоа што немаме алтернатива во борбата за здрава, чиста, животна средина“, додаде Шилегов.

Зелениот кров ќе биде отворен се до работното време на трговскиот центар, а навечер,  пристапот и вратите ќе се затвараат, со цел да се спречи вандализирање, од како што вели Шилегов, „чудните сили“ кои се јавуваат во последно време во градот.

Со изреката „леле луѓе, што направивме“, директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски ја почна изјавата пред медиумите.

„Што доби ГТЦ? ГТЦ доби многу, како прво, од еден нефункционален простор, кој со големи проблеми, со многу спорови… најнапред се направи таа изолација, бидејќи беше голем децениски проблем, околу 30 години нема интервенција на оваа тераса“, изјави Трајчевски.

Постојаната преставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарин Сахакијан се надева дека сите граѓани на Скопје ќе имаат можност да уживаат во зелениот кров бидејќи, како што кажа, ГТЦ претставува еден вид симбол за сите Скопјани.

„Иницијативата за изградба на овој зелен кров не беше само за да креираме едно убаво место, туку имаше многу пошироко значење. Нашата анализа на жешките урбани острови, покажа дека ГТЦ е една од најжешките такви локации, а разликатата меѓу ГТЦ и главниот плоштад изнесува девет степени. Сега, зелениот кров ќе помогне да се намали температурата и на ГТЦ и на околината“, изјави Сахакијан.

На отворањето на зелениот кров, можеа да се забележат и неколку скршени плочки среде зеленилото.

На настанот се одржа и сесија со прашања и одговори со средношколци во однос на климатските промени и проблемите со животната средина.

Зелениот кров е финансиран од буџетот на Град Скопје со вредност од околу 36 милиони денари, а имплементиран во соработка и поддршка на УНДП.


М.К.