[Фото] Уништувањето на Големиот корален гребен

Серија фотографии направени околу островот Гуштер го покажуваат брзото унишување на коралите низ илјадници километри на коралот, додека се случува избелувањето.

Фотографиите кои го прикажуваат целосното уништување на корални колонии на Големиот корален гребен, објавени од Guardian Australia, покажуваат што им се случува на коралите таму, кои ги има толку многу што покриваат површина голема колку Шкотска.

Фотографиите се направени околу островот Гуштер, од Лајл Вејл од одделот за набљудување на корали на Универзитетот на Квинсленд.

Џастин Маршал, биолог на Универзитетот на Квинсленд, вели дека повеќе од 90 посто од коралите околу островот се веќе изумрени или умираат.

„Две нешта ме погодуваат: најпрво, сериозноста на избелувањето. И брзината на изумирањето на коралите, од кое сосема сум шокиран. Кога бев на гребенот во март, веќе гледав како коралите изумираат“.

Маршал вели дека тоа ќе има разорувачки ефект за туризмот таму.

„Островот Гуштер штотуку се изгради повторно после циклонот. Потрошија милиони долари. Туристите ќе доаѓаат овде и ќе прашуваат каде е гребенот“.

„Овие фотографии раскажуваат приказна. Шокантната работа е што тоа се случува на област во должина од 1000 километри крај брегот, барем половина од гребенот. Област од Големиот корален гребен со големина од Шкотска умира во моментов. Или е веќе мртва“, вели Маршал.

Четирите фотографии ги покажуваат брзите ефекти на топлата вода на коралите.

На првата фотографија можат да се видат здрави корали околу островот Гуштер на 20 декември 2015. На неа има две големи колонии цврст корал во центарот, познат како акропора. Околу нив има чест мек корал наречен лобофитум, а на дното има боцкав корал наречен сериатопора. Има и риби кои пливаат околу коралите, кои се хранат со планктони и ги користат коралите како засолниште.

Втората фотографија била направена на 12 март 2016 година, а на неа е прикажано избелувањето на коралите. Во таа фаза коралите се уште не се мртви.

На третата слика може да се види истата колонија после еден месец. Маршал вели дека, дури и како биолог, лесно му било да се збуни од бојата која се чини дека се враќа, но тоа не е опоравување на коралот, туку во него се населуваат морски треви. Во оваа фаза, рибите се уште можат да го користат коралот како засолниште.

На последната слика, направена пред само две седмици, на втори мај, алги живеат во коралот кој е веќе мртов. Со толку алги кои ги покриваат изумрените корали, рибите веќе не можат да ги користат како засолниште.

Биологот вели дека кризата на Големиот корален гребен и  туристичката индустрија вредна милијарди долари која зависи од него налагаат Австралија брзо да реагира во однос на климатските промени, да престане да гради нови рудници за јаглен и да воведе строга контрола во земјоделството и индустријата.

„Мора да пораснеме и да почнеме да го остваруваме COP21 планот најбрзо што можеме“, смета тој.