[Фото] Средношколците ја блокираа улицата кај Собрание – започна маршот

Голем број средношколци ја блокираа улицата кај Собранието од каде тргнуваат на генерален Средношколски марш поради новиот концепт на полагање државна матура и екстерното тестирано. Тие ќе маршираат кон Владата, па се до Министерството за образование и наука.

„Нема да не маскирате во експериментални глувци“, „Почивај во мир средно образование“, „Секоја чест за воведените реформи на МОН априлилили“, „Доста беше молк“ се дел од паролите кои ги носат учениците.

На маршот се приклучија средношколци од Куманово и Велес, а поддршка има и од Студентски пленум.

Средношколци од гимназијата „Никола Карев“ велат дека кај нив се читало соопштение дека нема да има марш. Во „Јосип Броз Тито“ преку разглас утрово тие биле информирани дека математиката нема да биде задолжителна за сите матуранти.

Ваквите најави дојдоа по вчерашната средба на МОН и Унијата на средношколци, на која било договорено математиката да не биде задолжителен предмет за сите ученици во средните училишта, туку само за гимназијалците кои го одбрале природно – математичкото подрачје. Од Средношколски пленим реагираа дека Унијата на средношколци е нелигитимен претставник и дека има неактивен статус од 2013 година.

„Бевме целосно изигнорирани, и од зад грб ни донесоа одлука со која не се сложуваме. Навидум „компримисот“ подразбира само намалување на бројот на средношколци кои би страдале од непромислениот и полн со грешки, нов концепт на државната матура.Нашата солидарност ќе ги победи сите обиди да не разединат и поделат на „оние кои имаат право на избор“ и „оние кои немаат“, се вели во соопштението од Средношколски пленум.